Архивата на композиторот Арнолд Шенберг уништена во пожарите во Лос Анџелес

Најмалку 100.000 партитури на пионерскиот австриско-американски композитор од 20 век Арнолд Шенберг се уништени во шумските пожари во Лос Анџелес.

Листовите се чувале во музичката продукција на неговото семејство – која изгоре во населбата Пацифик Палисадес минатата недела.

Иако немаше изгубени оригинални ракописи, музиката во сопственост на Белмонт Музичкото издаваштво беше главната збирка партитури што им се издаваа на оркестри и музичари.

Директорот на Американскиот симфониски оркестар, Леон Ботштајн, рече дека тие биле „незаменлив ресурс“ за изведувачите.

Синот на Шенберг, 83-годишниот Лери, изјавил дека нотите биле чувани во зграда зад неговата куќа. И двете згради беа срамнети со земја во пожарите минатата недела.

Уништени се и други сувенири од Шенберг, вклучувајќи фотографии, писма и постери.

„За компанија која се фокусираше исклучиво на делата на Шенберг, оваа загуба не претставува само физичко уништување на имотот, туку и длабок културен удар“, рече Лери во изјавата.

Тој ја опиша колекцијата како „суштинска“ за музичарите кои се потпираат на „прецизно курираните изданија“ на каталогот на неговиот татко.

Арнолд Шенберг е роден во еврејско семејство во Виена во 1874 година. Тој наиде на огромен успех како композитор во Берлин пред да побегне во САД во 1933 година за да избегне прогон од нацистите.

На крајот се населил во Лос Анџелес каде што продолжил со своите револуционерни композиции. Тој беше познат по атоналноста и неговата техника со 12 тонови која отстапуваше од конвенционалните хармонии. Починал во 1951 година на 76-годишна возраст во Лос Анџелес.

Во изјавата Белмонт рече дека се надева дека ќе создаде дигитални копии од партитурите.

„Се надеваме дека во блиска иднина ќе можеме да ‘издигнеме од пепелта’ во целосно дигитална форма“, се вели во соопштението.

Повеќето од оригиналните ракописи на Шенберг се чуваат во музеј во Виена, Австрија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс