Апокалиптични сцени во Бејрут: Граѓани бегаат пред израелските напади

Израелскиот премиер Нетанјаху ги нареди нападите врз Бејрут, прогласувајќи ги за „одговор на повторените и континуирани кршења на прекинот на огнот

Денес во главниот град на Либан има сцени на хаос. Километарски редици и сообраќајни метежи се формирани на патиштата, додека жителите панично се обидуваат да ги напуштат јужните предградија на Бејрут пред израелската армија да ги започне своите најавени воздушни напади.

Речиси идентични сцени беа видени во градот на почетокот на март, кога Израел ја започна својата последна офанзива против Хезболах. Претходно, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги нареди нападите врз Бејрут, прогласувајќи ги за „одговор на повторените и континуирани кршења на прекинот на огнот во Либан од страна на терористичката организација Хезболах“.

И покрај формално прогласеното примирје, Израел значително ја прошири својата воена офанзива во земјата во последните денови, а серија нови наредби за евакуација издадени од неговата армија сега опфаќаат околу 15 проценти од територијата на целиот Либан.

Израелскиот министер за одбрана: Нема да биде мирно во Бејрут

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека „нема да биде мирно во Бејрут“ доколку продолжат нападите на Хезболах и најави воспоставување зона под целосна израелска воена контрола во областа на реката Литани во јужен Либан.

„Дахије во Бејрут не се разликува од заедниците на северот од Израел – ако нема мир на северот, нема да има мир ни во Бејрут“, се вели во официјалното соопштение од канцеларијата на министерот Кац. Тој притоа се осврна на јужните предградија на либанската престолнина, инаку силно упориште на Хезболах, за кое претходно денес заедно со премиерот Бенјамин Нетанјаху издаде наредба за воздушни напади.

„Во исто време, ИДФ продолжува со интензивни борбени и маневрирачки операции против терористите на Хезболах и нивната инфраструктура во Либан… Сето ова го правиме за да ја отстраниме заканата од нашите сили и народот на Државата Израел и да ја претвориме областа околу реката Литани во зона под безбедносна контрола на ИДФ, целосно исчистена од оружје и терористи“, заклучи Кац.

е-Трн да боцка во твојот инбокс