Андраш Бака е новиот претседател на Унгарија: Судијата кој ја тужеше сопствената држава

Андраш Бака, поранешен претседател на унгарскиот Врховен суд и поранешен судија на Европскиот суд за човекови права, денеска беше избран за претседател на Унгарија. Неговата кариера е обележана со судир со власта на Виктор Орбан и со пресуда во Стразбур со која беше утврдено дека му биле повредени правата при предвременото прекинување на неговиот мандат.
Foto: EPA/ZOLTAN BALOGH HUNGARY OUT

Андраш Бака е новиот претседател на Унгарија, откако унгарскиот парламент денеска го избра искусниот правник и поранешен претседател на Врховниот суд на земјата. За него гласаа 140 од вкупно 146 присутни пратеници, додека пратениците на Фидес не учествуваа во гласањето.

Бака е роден во Будимпешта во 1952 година. Дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот „Етвеш Лоранд“, а подоцна се занимавал и со академска работа и истражувања во областа на правото и човековите права.

Неговата меѓународна судиска кариера започнала во 1991 година, кога станал судија во Европскиот суд за човекови права. На оваа функција останал до 2008 година, што му обезбедило значително искуство во областа на човековите права и европското право.

По враќањето во Унгарија, Бака продолжил да работи во судството, а во 2009 година унгарскиот парламент го избрал за претседател на Врховниот суд. Мандатот требало да му трае до 2015 година.

Но, неговиот мандат бил прекинат предвреме по промените во унгарскиот правен и уставен систем. Новото законодавство го укина дотогашниот Врховен суд и ја воспостави Куријата како највисок суд во земјата, а со новите услови Бака практично бил отстранет од функцијата.

Случајот подоцна стигнал до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Бака тврдеше дека неговиот мандат бил предвреме прекинат поради неговите јавни критики кон одредени владини реформи поврзани со судството.

Како претседател на Врховниот суд и на Националниот судски совет, Бака имал и законска обврска да го изнесува своето мислење за предлозите на законите што се однесувале на судството. Во 2011 година јавно критикувал дел од реформите, меѓу другото и предлогот за намалување на старосната граница за пензионирање на судиите од 70 на 62 години.

Европскиот суд за човекови права во 2016 година пресуди во негова корист. Судот утврди повреда на неговите права, вклучително и на слободата на изразување, во врска со предвременото завршување на неговиот мандат и неможноста ефикасно да го оспори тоа пред домашен суд.

Токму овој случај денес е еден од најпознатите примери во европската судска практика за независноста на судството и за заштитата на судиите кои јавно се изјаснуваат за прашања поврзани со владеењето на правото.

По враќањето во судскиот систем, Бака продолжил со работа како судија и претседател на граѓанскиот оддел на највисокиот суд. Неговата професионална биографија останала тесно поврзана со судската независност и човековите права.

Сега, по години поминати во судниците, Бака ја презема една од највисоките државни функции во Унгарија.

Неговиот избор доаѓа во период на големи политички промени во земјата. Премиерот Петер Маѓар и неговата партија Тиса се обидуваат да ги променат политичките и институционалните структури создадени за време на долгогодишното владеење на Виктор Орбан. Изборот на Бака се гледа и како симболичен чекор кон зајакнување на институциите и враќање на довербата во правосудниот систем.

Претседателската функција во Унгарија главно има церемонијален карактер и претседателот нема извршни овластувања споредливи со оние на премиерот. Сепак, функцијата има значајна институционална и симболична улога, особено во период на политичка транзиција.

Во својот прв говор по изборот, Бака порача дека промените во земјата треба да бидат проследени со правда, демократска обнова и помирување, а не со политичка одмазда. Тој истакна дека различните мислења треба да бидат заштитени и дека владеењето на правото мора да има централно место во институциите.

На функцијата претседател на Унгарија Бака ќе стапи на 19 август.

е-Трн да боцка во твојот инбокс