Демографските промени на глобално ниво се одвиваат со забрзано темпо, но спротивно на општото мислење, најголемиот скок на бројот на постари лица нема да се случи во традиционално „старите“ општества, туку во земјите со релативно младо население.
Според новата анализа на Светскиот економски форум заснована врз податоците од Светските популациски изгледи на ОН, Саудиска Арабија го предводи светот според проекцијата за раст на населението на возраст од 65 години и повеќе, со очекуван скок од дури 115 проценти до 2040 година. Веднаш зад неа се Обединетите Арапски Емирати со раст од 80 отсто, како и Малезија и Виетнам со речиси 78 проценти.
Интересен е фактот што Саудиска Арабија во моментот има просечна возраст на населението од околу 30 години, а Нигерија — чија просечна возраст е само 18 години — се очекува да забележи зголемување на постарото население за речиси 60 проценти. Афaрика и понатаму останува најмладиот континент во светот, но нејзината популација над 65 години до 2050 година ќе достигне 235 милиони луѓе, што е бројка повисока од вкупното население на Северна Америка.
На спротивниот крај од оваа табела се наоѓа Јапонија, каде што растот на возрасната популација до 2040 година ќе изнесува скромни 7 проценти. Ова се должи на фактот што Јапонија веќе го помина главниот бран на демографска транзиција и веќе ги има едни од најстарите жители во светот со просечна возраст близу 50 години. Хрватска се наоѓа на слично ниво со проектиран раст од 7 отсто, додека во САД, Франција и Велика Британија тој раст ќе се движи меѓу 20 и 28 проценти.
Главните причини за оваа брза трансформација кај помладите економии се комбинација од постојан пад на стапката на фертилитет и силен пораст на просечниот животен век благодарение на подобрената здравствена заштита. Големите генерации кои во моментот се дел од работната сила постапно влегуваат во пензионерските години, што предизвикува нагол процентен скок на постарото население од релативно мала почетна основа.
На глобално ниво, вкупниот број лица постари од 65 години се очекува да порасне за 53 проценти до 2040 година. Овој тренд носи сериозни економски предизвици за пензиските и здравствените системи, кои ќе мора експресно да се прилагодат на брзите демографски промени.