Американски „Слејт“ алармира за менталната состојба на Трамп

По објавувањето на 75-минутниот разговор за списанието „Тајм“, анализата укажува на неповрзан говор, конфузија за локации и симптоми на параноја.
Фото: EPA/AARON SCHWARTZ / POOL

Американскиот магазин „Слејт“ објави анализа на транскриптот од 75-минутното интервју на претседателот Доналд Трамп за списанието „Тајм“, оценувајќи дека неговите одговори отвораат сериозни прашања за неговото здравје. Разговорот од 11.000 зборови, воден од дописникот Ерик Кортелеса и главниот уредник Сем Џејкобс, изобилува со моменти на тешка збунетост, неповрзани реченици и параноја што отстапуваат дури и од вообичаениот стил на претседателот.

Интервјуто започнало со прашање за вечерата на Трамп со Дарио Амодеи, извршен директор на компанијата за вештачка интелигенција „Антропик“. Новинарите сакале став за ризиците од технологијата, но Трамп го пренасочил разговорот кон голф-турнирот „Президентс куп“.

Притоа, тој веднаш се збунил околу сопствената локација: „Бев претседател на турнирот во Чикаго, во Мерион, што е одлично“, изјавил Трамп. Сепак, турнирот не се одржа во Чикаго, туку во Монтреал, Канада. Нејасно остана и зошто го спомнал Мерион, познат терен во Пенсилванија кој немаше врска со настанот.

Новинарите постојано се обидувале да го вратат фокусот на прашањата за вештачката интелигенција, но следувале неповрзани монолози. Трамп одговарал со споменување руски подморници, кинески фабрики, батерии и нуклеарна енергија.

Списанието „Слејт“ забележува дека иако Трамп со години практикува непредвидлив стил на говор, целосниот пишан транскрипт од 11.000 зборови без монтажа покажува ниво на дезориентација кое кај кој било друг светски лидер би предизвикало итна институционална загриженост.

е-Трн да боцка во твојот инбокс