Во изминатиот период, Амaлфискиот брег се соочува со огромен наплив на туристи, што создава сериозни проблеми за локалното население. За време на продолжениот првомајски викенд, кога многу земји имаа неработни денови, илјадници посетители го искористија убавото време за патувања, а дел од нив ја избраа токму оваа италијанска дестинација.
Тесните улици во градовите како Позитано и Амaлфи беа преполни, што доведе до метеж и отежнато движење. На социјалните мрежи се појавија снимки од долги редици туристи кои чекаат превоз кон острови како Капри, што дополнително ја влошува ситуацијата.
Иако туризмот е значаен дел од економијата на Италија, локалните жители предупредуваат дека прекумерниот број посетители го нарушува секојдневниот живот. Според нив, еднодневните туристи трошат малку, а создаваат огромен притисок врз инфраструктурата и го нарушуваат имиџот на регионот како мирна и луксузна дестинација.
Некои хотелиери истакнуваат дека гостите сè почесто остануваат во хотелите поради хаосот надвор, што негативно влијае и на локалните ресторани и бизниси. Амалфискиот брег, некогаш симбол на „ла долче вита“ и омилено место на светски познати личности, постепено го губи својот шарм поради неконтролираниот туризам.
Жителите се сè погласни во барањата за воведување построги правила, особено за патниците од крузери, кои доаѓаат во голем број, а оставаат мал економски придонес. Дел од нив дури велат дека во текот на сезоната се принудени да остануваат затворени во своите домови поради гужвите.
Локалните власти признаваат дека проблемот постои, но посочуваат дека немаат целосна контрола врз крузерскиот туризам. Сепак, најавуваат дека се разгледуваат мерки за подобро управување со посетителите.
Овој феномен не е изолиран случај. Слични проблеми има и во Барселона, Дубровник и Венеција, каде што властите веќе воведоа ограничувања и такси за посетителите со цел да се намали притисокот и да се зачува квалитетот на животот.