„Амадока“ од Софија Андрухович објавен на македонски јазик

Романот на украинската писателка Софија Андрухович излегува во превод на Ацо Пероски, со поддршка од „Креативна Европа“.

Украинската писателка Софија Андрухович, едно од најзначајните современи книжевни имиња од Украина, е преведена на македонски јазик со романот „Амадока“, во издание на „Артконект“. Преводот е на Ацо Пероски, а книгата е објавена со поддршка од програмата „Креативна Европа“.

Романот „Амадока“ се смета за најпознато и најуспешно дело на Андрухович. Насловот се поврзува со мистериозното езеро Амадока, кое се појавува во антички текстови и на мапите на повеќе средновековни картографи. Според тие мапи, езерото било најголемо во Европа и се наоѓало на територијата на денешна Украина, но подоцна исчезнало од картите како никогаш да не постоело.

Оваа загатка, меѓу историскиот факт, митот и заборавот, е една од основните линии низ кои романот ги отвора прашањата за исчезнувањето на сеќавањето, културите, народите и личните истории. „Амадока“ не е само приказна за езеро кое го снемало од мапите, туку и роман за тоа како исчезнуваат цели светови и што останува зад нив.

Преку низа ликови и испреплетени приказни, Андрухович истражува како се реконструира минатото кога доказите се распарчени, сеќавањата се потиснати, а историјата е полна со празнини. Романот поставува прашања за тоа дали остатоците од она што исчезнало можат повторно да се поврзат во една таинствена, речиси невидлива историја на светот.

Софија Андрухович е родена во Ивано-Франкивск во 1982 година. Таа е писателка и преведувачка, студирала книжевност и издаваштво, а работела и како уредничка на списанија. Преведува од полски и англиски јазик. Првиот роман, „Летото на Милена“, го објавува во 2002 година, додека поширокиот книжевен успех го постигнува со романот „Феликс Австрија“ од 2014 година, за кој добива повеќе награди и според кој е снимен долгометражен филм.

Со македонското издание на „Амадока“, домашната читателска публика добива пристап до едно од најамбициозните дела на современата украинска книжевност, роман што ги поврзува личната меморија, историската траума и прашањето како се преживува кога минатото исчезнува, но неговите траги остануваат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни