Истражувањата покажаа: Вештачката интелигенција ни ја намалува концентрацијата и когнитивните способности

Нови истражувања покажуваат дека користењето вештачка интелигенција може да ја намали мозочната активност, критичкото мислење и меморијата, со последици и во образованието и медицината.

Еден од сè поголемите стравови поврзани со развојот на вештачката интелигенција е дека таа може да ги ослаби човечките когнитивни способности. Сè повеќе нови истражувања укажуваат дека тој процес веќе е во тек.

Општо е познато дека вештините што не ги користиме постепено ослабуваат. Истото важи и за мозокот – тој функционира по принципот „користи или изгуби“. Психологотот Денис Братко објаснува дека станува збор за биохемиски процеси во нервниот систем. Според него, колку повеќе се активираат невроните, толку повеќе се зајакнуваат невронските патишта. Ако не се користат, тие слабеат.

До 55% послаба мозочна поврзаност

Нови истражувања покажуваат дека кога вештачката интелигенција презема дел од менталната работа, луѓето помалку паметат, помалку проверуваат информации и помалку се потпираат на сопствено заклучување. Особено внимание привлече студијата „Your Brain on ChatGPT“ од MIT Media Lab. Во експериментот 54 учесници пишувале есеи: една група користела ChatGPT, друга Google, а трета без никакви алатки.

Резултатите покажале дека групата без алатки имала најсилна мозочна поврзаност, додека групата со ChatGPT имала до 55% послаба поврзаност во мрежите за внимание, меморија и јазична обработка.

„Безлични“ есеи и послаба меморија

Наставници што ги оценувале текстовите (без да знаат која група ги напишала) ги опишале есеите создадени со помош на големи јазични модели како „бездушни“. Тие содржеле помала стилска разновидност и посиромашен избор на зборови. Уште позагрижувачки било тоа што учесниците кои користеле AI потешко се сеќавале на сопствените текстови и имале послаб чувство на „сопственост“ врз нив.

Дури и кога подоцна повторно пишувале без помош, истите учесници покажувале послаба мозочна активност од оние кои никогаш не користеле AI. Истражувачите нагласуваат дека ова не значи „оштетување на интелигенцијата“, туку промени во начинот на обработка на информации.

Слични ефекти и во медицината

Сличен тренд е забележан и во медицината, во студија објавена во The Lancet Gastroenterology & Hepatology. Кај 19 искусни ендоскописти, откако започнале да користат AI алатки за откривање полипи, нивната точност при работа без AI се намалила од 28,4% на 22,4%. Истражувачите предупредуваат дека прекумерното потпирање на AI може да доведе до губење на дел од практичните вештини.

Истражување на Microsoft Research и Carnegie Mellon University покажало дека поголема доверба во AI често значи помалку критичко размислување и проверка на информации. Студија од 2025 година покажува дека честото користење AI е поврзано со послабо критичко мислење, делумно поради таканаречено когнитивно растоварување, пренесување на менталната работа на надворешни алатки.

Експертите предупредуваат дека проблемот не е во самата употреба на AI, туку во тоа дали таа се користи за сложени или за едноставни задачи.

„Google ефект“ и GPS навика

Поранешни истражувања покажуваат сличен модел: луѓето помалку паметат информации ако знаат дека можат лесно да ги најдат онлајн. Исто така, честото користење GPS доведува до послаба просторна ориентација, бидејќи мозокот помалку ја вежба сопствената навигација. Професорот Братко предупредува дека најголем ризик е во образованието.

„Не можам повеќе да знам дали студентските семинарски се напишани од нив или од AI“, истакнува тој, нагласувајќи ја новата реалност во наставата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс