Доаѓаат пеколни горештини: Температурите во Македонија ќе достигнат 40 степени, следуваат и тропски ноќи

Македонија до 30 јуни ќе биде под влијание на суптропски антициклон. Се очекува сончево и екстремно топло време, со температури до 40 степени и тропски ноќи во повеќе региони.

Македонија до вторник, 30 јуни, ќе биде под силно влијание на суптропски антициклон, кој ќе донесе стабилно, суво и сончево време, проследено со многу високи температури, информира метеорологот Славчо Попоски.

Во текот на следните денови температурите на воздухот низ целата земја ќе бидат над 30 степени, додека во Повардарието и во југоисточниот дел на Македонија тие локално ќе достигнуваат и до 40 степени Целзиусови. Повремено ќе дува умерен до засилен фенски ветер од источен и североисточен правец.

Следуваат тропски ноќи, особено во Скопје и Повардарието

Освен екстремно топлите денови, се очекуваат и т.н. тропски ноќи, особено во Повардарието, Скопската Котлина и југоисточните предели. Во овие региони минималната температура во текот на ноќта нема да се спушта под 20 степени, што ќе го отежне разладувањето и ќе го зголеми чувството на жештина.

Во Скопје утринските температури ќе се движат околу 20 степени, додека дневните ќе достигнуваат до 38 степени.

Многу висок УВ-индекс, препорака да се избегнува престој на сонце

За време на топлотниот бран, УВ-индексот ќе достигне вредност 9, што се смета за многу високо ниво на сончево зрачење. Поради тоа, се препорачува граѓаните, особено повозрасните лица, хронично болните и децата, да избегнуваат престој на директно сонце во периодот од 10 до 17 часот. Надлежните советуваат и редовно внесување течности, лесна облека и престој во разладени простории за полесно справување со високите температури.

е-Трн да боцка во твојот инбокс