Во извонредниот амбиент на црквата „Света Софија“ во Охрид, фестивалската публика имаше можност да ужива во настапот на еден од најистакнатите пијанисти на својата генерација, Александер Мелников.
Мелников, кој е познат по својата виртуозност, длабока музикалност и интерпретации на дела од различни музички периоди, настапи во рамки на фестивалот „Охридско лето“ со внимателно избрана програма.

На репертоарот беше Фантазијата во Це дур „Вандерер“ од Франц Шуберт, дело напишано во 1822 година за соло пијано, кое се смета за една од најтехнички сложените композиции на австрискиот композитор. Мелников ја изведе композицијата со прецизност и силна експресивност, по што публиката го награди со долги аплаузи и бисеви.
Пред завршницата на концертот, пијанистот го изведе и циклусот „12 Прелудиуми“ од францускиот композитор Клод Дебиси, едно од најзначајните дела на музичкиот импресионизам.
„Ги свирев делата што најмногу ми се допаѓаат. Драго ми е што сум првпат во овој прекрасен град. Амбиентот во кој настапив е мошне инспиративен“, изјави Мелников.

Александер Мелников зад себе има богата меѓународна кариера и настапи со водечки светски оркестри и ансамбли. Особено е посветен на камерната музика, а долгогодишната соработка со виолинистката Изабел Фауст им донесе престижни признанија, меѓу кои и наградата „Грамафон“ и номинација за „Греми“.