Албанија влезе во глобалната вселенска коалиција „Артемис“ предводена од НАСА

Тирана потпиша меѓународен договор во Вашингтон за цивилно користење на вселената, со фокус на научни мисии кон Месечината и Марс.
Фото: NASA/Bill Ingalls

Албанија стана 73-та земја што пристапи кон договорите „Артемис“, меѓународна правна и техничка рамка предводена од НАСА за мирно и координирано истражување на вселената. Документот беше потпишан во седиштето на американската вселенска агенција во Вашингтон од страна на албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Ферит Хоџа, со што земјата официјално се вклучи во програмите за идни мисии кон Месечината и Марс.

Потпишувањето на договорот се одржа во зградата „Мери В. Џексон“ во Вашингтон, во присуство на заменик-администраторот на НАСА, Мет Андерсон, американскиот заменик-помошник државен секретар за вселена и животна средина, Конор Томлинсон, и албанскиот амбасадор Ервин Бушати.

„Односите меѓу нашите две земји траат повеќе од еден век. Денес тоа партнерство го прошируваме и во вселената“, изјави Андерсон при приемот на новата членка.

Од албанска страна, министерот Хоџа наведе дека со овој чекор Тирана ја потврдува посветеноста кон транспарентно и одржливо истражување според меѓународното право, нагласувајќи дека најголемите научни достигнувања не се прават во изолација, туку преку институционална соработка.

Приклучувањето кон иницијативата на НАСА не е прв чекор на Албанија во вселенскиот сектор. Земјата во јануари 2023 година лансираше два наменски сателити за набљудување на Земјата, „Albania-1“ и „Albania-2“, испратени во орбитата со ракетата „Фалкон 9“ (Falcon 9) на компанијата „СпејсИкс“ (SpaceX) од вселенскиот центар Кенеди на Флорида. Сателитите првенствено се користат за следење на територијата, земјоделството, шумите и граничната безбедност.

Паралелно со сателитските активности, Албанија во изминатиот период организираше локални настани во рамките на глобалниот хакатон на НАСА („Space Apps Challenge“), каде студенти и инженери користат отворени податоци за развој на апликативни решенија.

Договорите „Артемис“ беа воспоставени во 2020 година од страна на НАСА и американскиот Стејт департмент, заедно со уште седум земји основачи. Рамката се потпира на Договорот за вселената од 1967 година и поставува јасни правила: исклучиво мирно користење на вселенските ресурси, отворена размена на научни податоци, итна помош на астронаути во неволја, заштита на историските локалитети на Месечината и избегнување конфликти меѓу државните и приватните мисии.

Со овој потпис, Тирана влегува во кругот држави кои ќе имаат приоритетен пристап до научните податоци и логистичките стандарди од претстојните слетувања со човечки екипаж.

е-Трн да боцка во твојот инбокс