Алармантно: 200 паралелки помалку во средно и 100 паралелки помалку во основно образование

Оваа учебна година се затвораат 26 училишта во руралните средини, а бројот на паралелки ќе се намали за 100 во основно, односно за 200 во средно образование
Фото: СДК.МК)

Пред почетокот на новата учебна година министерката за образование и наука ги соопшти податоците за запишаните ученици во основно и средно образование.

Согласно објавените податоци бројот на ученици оваа учебна година, драстично се намалува споредено со претходната.

Министерката Весна Јаневска соошти дека оваа година ќе има стотици паралелки помалку во основните и средните училиште, но и дека 26 училишта во руралните средини ќе бидат затворени.

-Она што успеавме да го направиме, во моментот имаме околу 200 паралелки помалку во основното образование и 100 паралелки помалку во средното образование. Потенцирам дека тоа се прави со цел да им се овозможи социјализација на учениците, подобар квалитет на образование на учениците, а не изолирано постоење во одредена рурална средина каде што владеат одредени принципи, па и одредени стереотипи, и каде што квалитетот на образованието не може да биде соодветен поради малиот број на ученици. Особено ако станува збор за комбинирани паралелки каде што учат ученици од три различни одделенија, колку што е со закон дозволено – рече Јаневска.

Истовремено, таа додаде и дека настава во вакви комбинирани паралелки ќе се спроведува само онаму каде што ќе бидат приморани, односно ако подрачното (рурално) училиште се наоѓа на повеќе од 15-20 километри оддалеченост од првото најблиско централно училиште.

Во однос на уписите во прво одделение, министерката посочи дека сегашниот број се уште не е конечен.

„Во учебната 2026/2027 се запишани околу 14.500 првачиња, но тоа не е дефинитивниот број затоа што до крајот на септември трае запишувањето на првачиња кои задоцниле на рокот за упис“ појасни Јаневска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс