Грција прогласи многу висок ризик од избувнување пожари во поширокиот регион на Солун и Кукуш, додека други делови од земјата се ставени под зголемено ниво на предупредување. Според прогнозната карта на ризик од пожари на Генералниот секретаријат за цивилна заштита, денеска голем дел од Грција се соочува со „многу висок“ и „висок“ ризик, поради временските услови кои можат да придонесат за брзо ширење на огнените стихии.
Солун и Кукуш под највисоко предупредување
Регионот на Централна Македонија, каде што се наоѓаат Солун и Кукуш, е ставен во категорија 4 – многу висок ризик од пожари. Надлежните предупредуваат дека сувото време, високите температури и ветровите создаваат услови за лесно избувнување и брзо ширење на пожарите.
Министерството за климатска криза и цивилна заштита упати апел до граѓаните и туристите да бидат особено внимателни и да избегнуваат активности кои можат да предизвикаат пожар.
Особено се предупредува на: палење огнови и скара на отворено,фрлање запалени цигари,користење машини кои можат да создадат искри и палење земјоделски остатоци.Во текот на пожарната сезона во Грција е забрането и согорување на ниви и растителен отпад.
Сите служби во зголемена готовност
Пожарникарските служби, регионалните власти и општините во ризичните подрачја се ставени во состојба на зголемена оперативна подготвеност за брза реакција доколку избувне пожар.Властите апелираат граѓаните веднаш да пријават доколку забележат чад или пламен и да избегнуваат движење во области со висок ризик.
Предупредувањето доаѓа во период кога Грција секое лето се соочува со големи шумски пожари, кои во последните години предизвикаа значителна материјална штета и евакуации во повеќе региони.