Airbus го изведе првиот тест-лет на A350-1000ULR, авионот што Qantas планира да го користи за некои од најдолгите директни комерцијални летови во светот, меѓу Сиднеј и градови како Њујорк и Лондон.
Првиот од 12 модифицирани авиони A350 што ги нарача австралиската авиокомпанија полета од Тулуз, Франција, и помина три часа и 43 минути во воздух над Франција и францускиот дел од атлантскиот брег. Со авионот управуваше тест-екипаж на Airbus.
По завршувањето на програмата за тестирање, авионот со ознака MSN 707 ќе биде преуреден според комерцијалните спецификации на Qantas. Леталото е дел од проектот Sunrise, со кој австралиската компанија сака да воведе директни, ултрадолги линии од источниот брег на Австралија кон Европа и САД.
Airbus соопшти дека вториот A350-1000ULR за Qantas е во напредна фаза на финална монтажа и дека неговата испорака е планирана за април 2027 година. Тој авион треба да добие премиум кабина во четири класи и да биде подготвен за комерцијалната флота на австралискиот превозник.
Новата верзија на A350 е развиена за летови што би можеле да траат и до 22 часа, без преседнување. Тоа би значело директно поврзување на Сиднеј со Лондон и Њујорк, рути кои денес најчесто бараат најмалку едно застанување.