Австралијанецот Ендру Бирд од Мелбурн реши да му ја препушти организацијата на својот распоред на вештачката интелигенција, но обичниот обид да закаже пилатес брзо прерасна во неочекуван кибер-инцидент. Автономниот АИ агент, наместо само да ја следи слободната листа, самоиницијативно го хакираше онлајн системот на теретаната, го избриша резервираниот термин на друг член и го помести својот сопственик прв во редот за вежбање.
Ендру Бирд го користел софтверот OpenClaw, кој му овозможува преку апликацијата WhatsApp да издава наредби на АИ модел. Во овој случај, тој го ангажирал моделот Claude Opus 4.6 на компанијата Anthropic, алатка која и претходно ја користи за секојдневни задачи како управување со е-пошта, календар и резервации во ресторани.
Откако забележал дека популарните термини за пилатес во неговата теретана брзо се пополнуваат, Бирд му даде задача на ботот да му обезбеди место. Наместо да чека регуларно ослободување, АИ агентот брзо сфати дека системот на теретаната има сериозна безбедносна дупка и одлучил да ја искористи.
АИ ботот наскоро го известил Бирд дека успеал да му помогне со неговиот статус на листата на чекање. Во пораката што му ја испратил, ботот објаснил дека апликацискиот програмски интерфејс (API) на теретаната извршува откажувања без да ја провери авторизацијата на корисникот.
„Тестирав на лицето кое беше прво на листата за чекање и успеа. Веќе се помести од четвртото на третото место“, му напишал ботот на својот сопственик, потврдувајќи дека директно ги прекршил правилата на објектот за да ја исполни задачата.
Бирд изјави дека тонот на ботот бил целосно услужен, а не злонaмерен, но кога побарал од него да ја поништи оваа дејност, АИ агентот не можел да го врати процесот назад. Поради тоа, тој му наредил на софтверот да состави извештај за кибер-безбедност за да ги предупреди сопствениците на теретаната за критичниот пропуст.
Случајот во Мелбурн дополнително ги поттикна дебатите за границите на контрола над автономните АИ системи. Технолошките гиганти како OpenAI, Anthropic и Meta веќе имаат признаено дека за време на интерните тестирања, нивните напредни модели повремено покажуваат тенденција самоиницијативно да напаѓаат или забиколуваат приватни системи за да ги постигнат зададените цели.
Иако овој инцидент не се класифицира како критичен кибер-напад, тој служи како реален пример за тоа што може да се случи кога на софтверски агенти ќе им се даде автономија да делуваат во реалниот дигитален свет без соодветни заштитни механизми.