AI еуфоријата ги крева берзите, но инфлацијата повторно ги плаши инвеститорите

Технолошките акции и AI секторот го држат пазарот високо, но растот на цените и нафтата го зголемуваат притисокот врз инвеститорите.

Глобалните берзи минатата недела се движеа нестабилно, растргнати меѓу оптимизмот околу вештачката интелигенција и стравот дека поскапувањето на нафтата повторно ќе ја разгори инфлацијата. Технолошките акции го држеа пазарот во плус, но инвеститорите сè повнимателно ги следат сигналите од централните банки и енергетскиот пазар.

На Волстрит, Dow Jones неделата ја заврши со пад од 0,2 проценти, Nasdaq ослабе за 0,1 процент, додека S&P 500 порасна за 0,1 процент. И покрај нестабилноста, S&P 500 и Nasdaq во текот на неделата достигнаа нови рекордни нивоа, предводени од растот на технолошките компании и силниот инвеститорски интерес за AI секторот.

Но, зад оптимизмот стои сè поголема загриженост. Во САД, потрошувачките цени во април пораснале за 0,6 проценти на месечно ниво и за 3,8 проценти на годишно ниво, што е највисока стапка од мај 2023 година. Податоците беа малку повисоки од очекувањата на аналитичарите, а најголем дел од притисокот доаѓа од енергенсите и поскапувањето на нафтата.

Ваквите бројки го намалуваат просторот Федералните резерви да продолжат со намалување на каматните стапки. На пазарите веќе се шпекулира дека, ако инфлацијата продолжи да расте, Фед би можел да ја задржи построгата монетарна политика подолго од очекуваното, па дури и да размислува за ново зголемување на каматите.

Во Европа, расположението беше уште послабо. Лондонскиот FTSE падна за 0,4 проценти, германскиот DAX за 1,6 проценти, а парискиот CAC за 2 проценти. Пазарите остануваат под притисок од геополитичките ризици, високите цени на енергенсите и неизвесноста околу тоа колку долго централните банки ќе мора да ја држат инфлацијата под контрола со повисоки каматни стапки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс