Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп му поставила 24-часовен ултиматум на Иран да потврди дека Ормутскиот теснец останува отворен за меѓународна пловидба и да ги запре нападите врз трговските бродови, објави Axios, повикувајќи се на тројца американски претставници.
Според извештајот, Вашингтон ја пренел пораката директно до Техеран, но и преку регионални посредници.
Американските власти го обвинуваат Иран дека го прекршил меморандумот за разбирање потпишан пред три недели со САД, откако повторно биле извршени напади врз трговски бродови во и околу Ормутскиот теснец.
Овие инциденти доведоа до нова ескалација на тензиите и неколку воени размени, по што Трамп оваа недела изјави дека примирјето повеќе не важи.
Средба во Оман
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи денеска треба да се сретне во Мускат со својот омански колега Бадр ал-Бусаиди, при што главна тема ќе биде кризата во Ормутскиот теснец и безбедноста на поморскиот сообраќај.
Во меѓувреме, Оман отвори јужен пловен коридор долж својот брег за да овозможи побезбедно движење на трговските бродови низ теснецот.
Иран: Ќе ја задржиме контролата
Од Техеран порачаа дека нема да се откажат од контролата врз пловидбата низ Ормутскиот теснец.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека Иран е решен да ја исполнува својата одговорност за регулирање на поморскиот сообраќај во согласност со договорите со Оман.
Спротивставени тврдења
Според американски претставник, по неодамнешните судири Иран побарал продолжување на разговорите со САД.
„Ни рекоа: Погрешивме. Направивме грешка. Да продолжиме со разговорите“, тврди американски функционер.
Од друга страна, Техеран ги отфрла овие наводи. Багаеи изјави дека Иран не побарал нови преговори со Вашингтон, туку само прифатил посредничка иницијатива од Катар за разговори што би се одржале во Иран. Американските власти, исто така, тврдат дека во иранското раководство постојат поделби околу спроведувањето на договорот и идните односи со администрацијата на Трамп.