На 25 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, започнува глобалната кампања „16 дена активизам против родово базираното насилство“, која трае до 10 декември, Денот на човековите права. Кај нас кампањата секоја година ја спроведуваат институции, меѓународни организации и граѓански здруженија, со фокус на семејното насилство, фемицидот и дигиталното вознемирување. Насилството врз жените најчесто се замислува како нешто што се случува зад затворени врати, во домот. Но историјата на борбата за правото на глас покажува дека и самата држава знаела да ја крене раката врз жените што барале да бидат еднакви граѓанки.

Во ноќта меѓу 14 и 15 ноември 1917 година, во затворот Ококван, во американската сојузна држава Вирџинија, пристигнала група од 33 жени од Националната женска партија. Тие биле уапсени неколку дена претходно пред Белата куќа, каде што со месеци мирно протестирале со транспаренти на кои го прашувале претседателот Вудро Вилсон како може да се залага за демократија во Европа, а на жените во сопствената земја да им го ускратува правото на глас. Официјалното обвинение било попречување на сообраќајот. Жените барале да бидат третирани како политички затворенички, но по наредба на управникот, околу 40 затворски чувари ги пречекале со палки.
Она што следувало подоцна го опишале самите затворенички во своите изјави и сведоштва. Организаторката Луси Барнс била тепана, а потоа рацете ѝ биле оковани за решетките на ќелијата над главата, поради што цела ноќ морала да стои. Нејзината соборка Џулија Емори доброволно застанала во истата положба за да ѝ покаже солидарност. Дора Луис била фрлена во темна ќелија и удрена толку силно што ја изгубила свеста. Меѓу тепаните била и младата Дороти Деј, подоцна позната активистка за социјална правда, а најстарата затвореничка имала 73 години. Во меѓувреме, лидерската фигура на движењето, Алис Пол, штрајкувала со глад во друг затвор во Вашингтон и била насилно хранета преку цевка.
Властите сметале дека една брутална ноќ ќе ги исплаши суфражистките, но се случило спротивното. Вестите за тепањето стигнале до јавноста и предизвикале бес. Многу Американци за првпат сфатиле до каде е подготвена да оди државата за да ги замолчи жените. Подоцна, судот утврдил дека суфражистките биле незаконски уапсени, осудени и затворени. Вилсон во 1918 година јавно го поддржал женското право на глас, а 19-тиот амандман на американскиот Устав бил ратификуван во 1920 година. Поранешниот затвор Ококван денес е уметнички центар, а во него има и музеј посветен на Луси Барнс.

Во Македонија и во тогашна Југославија, жените за првпат масовно гласале на изборите во 1945 година, по Втората светска војна, во која учествувале и како борки. Правото на глас кај нас не било извојувано со штрајкови со глад пред владините згради, но и тоа било дел од долгата борба жените да станат видливи и рамноправни учеснички во јавниот живот. Денес ниту една жена во Македонија не е затворена затоа што сака да гласа, но насилството врз жените не исчезнало. Тоа само ги менувало своите облици и простори – се случува во домовите, на улиците и на екраните на мобилните телефони.
Приказната од Ококван е потсетник зошто 16-те дена активизам не треба да бидат само кампања со портокалово осветлување на зградите. Секое право што жените го имаат денес е извојувано низ борба, а некои жени ја платиле таа борба со затвор, тепање, па дури и со живот. Државата, притоа, не секогаш била на страната на жртвите. Прашањето што го отвора кампањата не е само колку насилство има, туку и дали институциите се подготвени да ги заштитат жените кога тоа ќе се случи. Суфражистките од 1917 година покажаа дека молкот не е заштита и дека насилството почнува да се руши кога ќе се изнесе на виделина.
