Научниците предупредуваат: Светот оди кон затоплување од 2,7 степени, а ЕУ ги забавува климатските мерки

И покрај политичките ветувања, глобалното затоплување до 2100 година може да надмине 2,7 степени Целзиусови. Научниците ја критикуваат Европската Унија поради повлекувањето од дел од климатските политики и предупредуваат дека времето за реакција истекува.
климатстски промени

Светот се движи кон затоплување на воздухот за повеќе од 2,7 степени Целзиусови до 2100 година во однос на прединдустрискиот период, дури и ако владите ги исполнат своите досегашни политички ветувања. Доколку државите се откажат од преземените обврски, последиците би можеле да бидат уште потешки, предупредува Сојузот на климатски истражувачки институти.

„Секој дополнителен степен на затоплување над 1,5 степени Целзиусови носи уште потешки последици за климата, природата и луѓето“, изјави климатологот Бил Хер, основач на организацијата „Клајмат аналитикс“ (Climate Analytics).

Извештајот на платформата „Клајмат екшн трекер“ (Climate Action Tracker), во чија подготовка учествувала и организацијата на Хер, беше објавен во четвртокот. Во него се нагласува итноста од преземање мерки за што е можно повеќе да се ограничи надминувањето на прагот од 1,5 степени.

„Пред владите стои јасен избор: да продолжат да ја поддржуваат индустријата за фосилни горива или да се свртат кон решенијата што веќе се достапни и се поевтини од кога било“, порача Хер.

Светските лидери во моментов учествуваат на климатскиот самит КОП31 во Турција, во услови на ослабен ентузијазам за договорот од 2024 година за постепено укинување на јагленот, нафтата и гасот.

ЕУ ја губи позицијата на климатски лидер

Извештајот особено ја критикува Европската Унија. Авторите предупредуваат дека бранот дерегулација низ Европа, кој трае од почетокот на вториот мандат на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја поткопува позицијата на Европа како некогашен предводник во борбата против причините за климатските промени.

Посебна критика е упатена кон Германија, за која во извештајот се наведува дека „ги ослабува климатските мерки наместо да ги забрзува“.

Според авторите, ваквиот пристап го доведува во прашање исполнувањето на правно обврзувачката цел на Германија за намалување на емисиите на јаглерод диоксид до 2030 година, како и постигнувањето климатска неутралност до 2045 година.

Поширокото предупредување во извештајот за можноста од неповратно надминување на границата на затоплување се совпаѓа со ставовите на Меѓувладиниот панел на Обединетите нации за климатски промени (ИПЦЦ).


Научниците предупредуваат дека секое дополнително одложување на климатските мерки ја зголемува опасноста од потешки последици за екосистемите, природата и човечките заедници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс