Истражувањето „Пулс на демократијата: Генерација З на Западен Балкан“ на Фондациите Отворено општество за Западен Балкан на кое учестувале 1.025 млади на возраст од 16 до 28 години, на македонски и албански јазик, во мај и јуни 2025 година покажува дека половина од македонските млади (50,4 отсто) воопшто не се интересираат за политика, а уште 23,3 отсто се интересираат само малку. Искрено заинтересирани се само 8,7 отсто, што е отприлика колку што се потребни за да се пополнат партиските младински форуми.
Авторката на истражувањето Лура Положани вели дека ова не е апатија, туку свесно ускратување на довербата. Младите ги следат настаните, само што не веруваат дека истите лица што ги гледаат од детството ќе носат нешто ново.
Најинтересно е што би направиле доколку власта утре незаконски си земе повеќе моќ:
- 28,6 отсто би протестирале, спрема 40 отсто регионално и 63 отсто во Косово
- 23,9 отсто не знаат што би направиле
- 20,4 отсто не би ги интересирало
- 13,9 отсто би реагирале само на социјалните мрежи, највисок удел во регионот
- 8,1 отсто би ја напуштиле земјата
Со други зборови, ако некој утре ја суспендира демократијата, секој седми млад човек ќе стави објава на социјалните мрежи. И толку.
Иднината е во куфер
Само 53,3 отсто од младите ја гледаат својата иднина во Македонија, а 33,9 отсто јасно велат дека не ја гледаат. Во Црна Гора дома се гледаат 74,5 отсто од младите, а во Косово 73,4 отсто.
На прашањето во која соседна земја би живееле, дури 28,7 отсто одговориле дека сакаат да заминат надвор од регионот, втор највисок удел по Албанија.
Младите се песимисти дури и на професионален план. Дури 26,2 отсто очекуваат лоши или многу лоши деловни шанси во следните пет години, најмногу во регионот. Само 4,4 отсто ги оценуваат како одлични, што е најнискиот резултат од сите шест земји.
Тоа се гледа и во грижите. На прашањето што најмногу ги мачи, младите најчесто ги наведуваат вработувањето (42,6 отсто), парите (35,1 отсто) и школувањето (29,5 отсто).
ЕУ, ама не во овој живот
Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, подолго отколку што се живи дел од испитаниците во истражувањето, а тоа се гледа и во одговорите: поддршката е висока, а довербата ниска.
Вкупно 62,3 отсто сметаат дека членството е важно, а уште 17,4 отсто сакаат членство иако не го сметаат за клучно. Но само 14,8 отсто веруваат дека ќе влеземе до 2030 година, додека 17 отсто се уверени дека тоа никогаш нема да се случи.
За споредба, во Албанија и Црна Гора повеќе од третина од младите очекуваат членство до 2030 година. Земјата што некогаш беше прва во редицата, според сопствените млади сега чека и зад Косово, кое сè уште нема ниту кандидатски статус.
Среќни, ама загадени
И покрај сето тоа, 83,9 отсто од македонските млади велат дека се среќни со својот живот. Многу среќни се 39,2 отсто, што е втор најнисок резултат во регионот, по Србија.
Среќата е приватна работа. Најмногу ги радуваат кариерата (15,6 отсто) и љубовта, бракот и децата (14,7 отсто). Стравовите, пак, се јавни: економијата и инфлацијата, стравот од војна и меѓуетнички конфликт и, на трето место, државата што не функционира. Државата, значи, се наоѓа на листата на стравови, а не на листата на надежи.
„Нашата генерација е прогресивна и отворена. Но сме зачувале некои традиционални вредности, особено националните и верските“, вели учесник во фокус групата во Македонија.
А соседите?
Анкетата од летото 2025 добро погоди каде ќе пукне. Најподготвени за протест беа младите во Албанија (47,8 отсто) и Србија (47,6 отсто), спрема 28,6 отсто кај нас.
Во Тирана средношколците и студентите протестираат од 13 октомври и бараат оставка на премиерот Еди Рама, како и изборни и образовни реформи. Запалени се неколку згради, меѓу нив и кабинетот на премиерот, а само во вечерта на 15 октомври се приведени 160 луѓе.
Во Србија студентите протестираат од ноември 2024, кога во Нови Сад падна надстрешницата на железничката станица и уби 16 луѓе. На 25 октомври тие излегуваат на предвремени парламентарни избори со Студентска листа, против Александар Вучиќ.
Македонските млади, барем засега, не палат министерства и не составуваат листи. Тие протестираат потивко, со пасош.
Глас или излез
Истражувањето се повикува на позната дилема на економистот Алберт Хиршман. Незадоволните имаат две опции: да кренат глас и да бараат промена, или тивко да си заминат. Албанија и Србија го избраа гласот. Бројките за Македонија мирисаат на бегство.
Истражувањето предупредува и на „окрутен оптимизам“, надеж без резултати и доверба без поврат. Младите се среќни и сè уште се надеваат, но таа надеж не е бескраен кредит за власта.
Што бараат младите, всушност не е многу. Вработување во јавниот сектор според знаење, а не според партиска книшка. Достапна психолошка помош, домување за млади со ниски плати и живот и надвор од Скопје.
Половина од македонската Генерација З сè уште ја гледа својата иднина тука. Тоа е или шанса, или последно предупредување.
