На 20 октомври 2026 година (вторник), во 20:00 часот, во Галеријата „Драгутин Аврамовски Гуте“ при Факултетот за ликовни уметности (Сули ан) во Скопје ќе биде отворена изложбата „Циркулации“ на Гоце Наневски и Дориан Јовановиќ. Куратор на изложбата е д-р Ана Франговска.
Изложбата го истражува принципот на циркулација, од физичкиот феномен на проток на течност и создавање вортекси до протокот на материја, слика, поглед, звук, информација, меморија и моќ. Централниот дел на проектот го сочинуваат три кабини, замислени не како објекти за набљудување од дистанца, туку како апаратуси на искуство. Во нив посетителот се соочува со сопствената слика и погледот на другиот, со какофонијата на истовремени информации, со нестабилноста на сопствената позиција наспроти колективот и со пропустливоста на границата меѓу внатрешното и надворешното.

Партиципацијата тука не е додаток, туку структурен услов на делото. Движењето станува сигнал, сигналот звук и говор, туѓото присуство сенка, а телото на посетителот дел од механизмот што го активира делото. Секое ново присуство создава поинаква констелација на слика, звук, движење и сензација, па „Циркулации“ се финализира со секој посетител, за веднаш потоа повторно да стане недовршено.
Според кураторката Ана Франговска, „Циркулации“ не нуди безбедна позиција надвор од системот од која може да се набљудува, туку го внесува посетителот во него и ја отвора критичката димензија на системите на моќ, знаење, информација и перцепција.
Изложбата ќе биде отворена до 05.11.2026 година.
