Зошто луѓето изневеруваат дури и кога се среќни во врската?

Постојат многу причини поради кои некој би можел да го изневери партнерот. Но, според Естер Перел, позната психотерапевтка и авторка, една причина постојано се повторува. Се работи за нешто што таа го нарекува „мртвило“ – израз што можеби звучи драматично, но опишува една многу суптилна, а изненадувачки честа состојба во долгите врски, пишува „The Sun“.

Според стручњаците, станува збор за емоционална вкочанетост што постепено се вовлекува во односот и создава чувство на оддалеченост. Џес Метјуз, советничка за врски и состаноци, за „Mamma Mia“ објаснува дека мртвилото може да се однесува и на поединецот и на динамиката на целата двојка. Најчесто се јавува откако ќе помине почетната фаза на заљубеност, а во врската ќе се вовлечат рутината и монотонијата. Тогаш паровите можат да забележат недостиг на интимност и да се чувствуваат „повеќе како пријатели отколку како љубовници“.

Истражувањата на Перел покажуваат дека луѓето не изневеруваат затоа што повеќе не го сакаат партнерот, туку затоа што сакаат повторно да почувствуваат живост, возбуда и пулсирање на животот. „Од она што сум го видела, неверството најчесто се сведува на себичност и тоа не го мислам во негативна смисла, туку како нуспроизвод на внатрешно чувство на празнина или несигурност“, вели Метјуз. Значи, личноста не бара нужно некој друг. Честопати таа ја бара верзијата од себе што ја изгубила.

Добрата вест е дека мртвилото не мора да значи почеток на крајот на врската. Сепак, потребен е свесен труд од двете страни. Метјуз советува паровите да ѝ дадат приоритет на „емоционалната и еротската живост“: „Продолжете да излегувате на состаноци и останете љубопитни еден за друг“. Престанете да се потпирате само на гледање серии дома – рутината ги гуши мистеријата, разиграноста и изненадувањата, елементи што ја хранат еротската енергија. Наместо тоа, воведете мали гестови и изненадувања што ќе ја разбијат навиката и ќе го вратат чувството на свежина.

И уште нешто многу важно: сакајте се себеси. Стручњаците нагласуваат дека врската не може да се освежи ако поединецот се запостави себеси. Самодовербата, задоволството од самиот себе и чувството на сопствената „искра“ директно се пренесуваат на врската. Кога и двајцата се чувствувате добро во своја кожа, односот има многу поголеми шанси повторно да процвета — без потреба да се бара „возбуда“ на друго место.

е-Трн да боцка во твојот инбокс