Германија воведува данок на пластичната амбалажа

Пластичните пакувања, фолиите и капаците би можеле да станат дополнителен трошок за компаниите во Германија од јули 2027 година.

Владејачките пратенички групи на ЦДУ/ЦСУ и СПД планираат данок од 550 евра за секој тон пластика содржана во амбалажата. Предлогот сè уште не е усвоен закон, објави германскиот јавен сервис ЗДФ, повикувајќи се на нацрт до кој дошла агенцијата ДПА.

Давачката би се пресметувала според тежината на пластиката, а не според тежината на производот или на целото пакување. Предвидената стапка изнесува 55 евроценти за килограм пластика.

Со данокот би биле опфатени различни видови пластична амбалажа, фолии, затворачи, капаци и капсули. Кај комбинираните пакувања, обврската би важела ако уделот на пластика надминува пет проценти. Наплатата би се вршела при производство, увоз или внесување на амбалажата во Германија.

Прашањето за потрошувачите е дали компаниите ќе го префрлат новиот трошок во продажните цени. Според специјализираниот „Пакеџинг журнал“, во образложението на нацртот се предвидува токму таква можност, со очекувано влијание врз поединечни цени и врз потрошувачките цени во целина. Тоа, сепак, не значи еднакво поскапување на сите производи: ефектот би зависел од количината пластика во пакувањето и од ценовната политика на компанијата.

Мерката има две цели: да ја намали употребата на пластична амбалажа и да обезбеди дополнителни буџетски приходи. Според процените од нацртот што ги пренесуваат германските медиуми, во 2027 година би се собрале околу 805 милиони евра, а од 2028 година речиси 1,5 милијарди евра годишно.

За компаниите тоа би било поттик да користат помалку пластика или да го променат пакувањето. За купувачите, конечниот ефект ќе зависи од тоа колкав дел од давачката производителите и трговците ќе преземат врз себе, а колкав ќе вградат во цените.

е-Трн да боцка во твојот инбокс