Првото заладување го врати аерозагадувањето во Скопје

Мерните станици низ Скопје регистрираа троцифрени концентрации на ПМ10 честички, најавувајќи ја новата сезона на загаден воздух во главниот град.

Со првото есенско заладување, загадувањето во Скопје се искачи над 100 микрограми на метар кубен кај крупните ПМ10 честички, додека ситните ПМ2,5 честички стигнаа до 30 микрограми. Податоците од државниот мониторинг систем и локалните сензори потврдуваат дека прагот за безбедно дишење почна да попушта уште во попладневните часови, со што градот официјално влегува во познатиот период на сезонско задушување.

Според официјалните мерења на Министерството за животна средина, кривата на аерозагадувањето нагло порасна по 18 часот. На мерната станица во Лисиче во 19 часот беа измерени 116,18 микрограми на метар кубен ПМ10 честички, што е повеќе од двојно над максимално дозволената дневна граница од 50. Еден час подоцна, во 20 часот, Карпош регистрираше 81,61микгорграми.

Паралелно со крупните честички растеше и концентрацијата на значително поопасните ПМ2,5 честички, кои навлегуваат директно во крвотокот. Во Карпош вредностите за ПМ2,5 вечерта достигнаа 29,74 , додека во Гази Баба беа измерени 25,3. Овие бројки сериозно го надминуваат препорачаниот 24-часовен безбедносен праг на Светската здравствена организација, кој изнесува 15 микрограми за ПМ2,5.

Податоците од граѓанските мерни станици на терен покажуваат слично движење. На апликациите за следење на воздухот попладнево највисок индекс забележаа Железара со вредност 132 и Влае со 122, ставајќи ги овие населби во портокаловата фаза.

Државниот регистар за квалитет на воздухот вечерва го означи квалитетот во скопски Центар со најтешката категорија „многу лошо“, додека Лисиче доби оценка „лошо“. Станиците во Карпош, Гази Баба, Ректорат и Миладиновци бележат статус „умерено“, а мерната станица во Ѓорче Петров не испорачува податоци.

Сезоната на затоплување на домовите сè уште не е во полн ек, но температурните падови и затворената скопска котлина веќе го заробуваат чадот од сообраќајот и првичното загревање на домовите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс