Мајкрософт и Мета го потиснуваат Claude: Компаниите ја туркаат сопствената AI технологија

Двата технолошки гиганти ги ограничуваат вработените во користењето на Claude на „Антропик“, а фокусот го префрлаат кон сопствени алатки. Причината се трошоците, но и контролата врз податоците.

Мајкрософт и Мета сè поагресивно ја намалуваат зависноста од надворешни AI алатки, а една од првите жртви на оваа промена е Claude на „Антропик“. Според најновите извештаи, двете компании ги охрабруваат, а во одредени случаи и ги притискаат своите вработени да го ограничат користењето на Claude и наместо него да користат сопствени, интерно развиени решенија.

Зад промената стојат две големи причини, трошоците и контролата врз податоците. За технолошките гиганти, користењето на туѓи AI модели за илјадници вработени станува сè поскапо, додека сопствените системи им овозможуваат поголема контрола врз чувствителните информации и нивната интеграција со останатиот дел од компанијата.

Мајкрософт ги намалува трошоците за Claude

Според податоците што ги пренесува „ТекРадар“, интерната потрошувачка на Мајкрософт за Claude оваа година требало да достигне најмалку една милијарда долари. За да го запре растот на трошоците, компанијата од Редмонд побарала од вработените да ја ограничат употребата на Claude и повеќе да се потпрат на Copilot и други сопствени алатки.

Особено голема промена има во одделот за облачни услуги, каде месечните лимити за потрошувачка на AI по вработен се намалени од околу 100.000 на приближно 10.000 долари. Тоа покажува колку сериозен трошок може да претставува употребата на генеративна AI технологија во големите компании кога се користи масовно.

И Мета го турка сопствениот AI

Сличен тренд се забележува и во Мета. Бројот на вработени кои го користат Claude Code за програмирање паднал од околу 60.000 на почетокот на годината на околу 30.000.

На намалувањето влијаеле и неодамнешните отпуштања во компанијата, но според извештаите, значаен фактор е и притисокот од раководството вработените да преминат кон интерните алатки. Мета сè повеќе ги промовира сопствените решенија, меѓу кои MetaCode и Muse Code, како алтернатива на надворешните AI алатки.

Интерните показатели веќе покажуваат дека MetaCode ја надминал границата од 30.000 корисници. Со тоа, компанијата постепено заменува дел од употребата на Claude со сопствена технологија, со која има поголема контрола и потенцијално значително пониски трошоци.

Не е само прашање на пари

Намалувањето на употребата на надворешни AI алатки не е поврзано само со финансискиот аспект. Големите компании сè повеќе се загрижени и за безбедноста на податоците, особено кога нивните вработени користат надворешни системи во кои можат да внесат доверливи информации или податоци поврзани со интелектуалната сопственост.

Со развојот на сопствени AI алатки, компаниите можат подобро да ги интегрираат системите со сопствената инфраструктура и да имаат поголема контрола врз тоа кој, кога и на кој начин ги обработува податоците. За технолошките гиганти, тоа станува сè поважно како што AI се претвора од експериментална алатка во дел од секојдневната работа.

Удар за „Антропик“ во незгоден момент

Овие потези доаѓаат во чувствителен период за „Антропик“. Американското Министерство за одбрана неодамна ја означило компанијата како ризик за националната безбедност во синџирот на снабдување, што може дополнително да влијае врз нејзината позиција кај големите корпоративни клиенти.

Самата компанија во проспектот за иницијална јавна понуда на акции, во која се таргетира проценка од над 2.000 милијарди долари, предупредила дека ваквите случувања би можеле да предизвикаат значителни загуби на приходи и нарушувања во работењето.

Губењето на дел од бизнисот со два огромни клиенти како Мајкрософт и Мета би било сериозен удар за „Антропик“. Но, истовремено, ова може да биде знак и за поширока промена во технолошката индустрија – наместо да плаќаат за туѓи AI модели, најголемите компании сè повеќе сакаат да имаат сопствена технологија, сопствени податоци и целосна контрола врз начинот на кој нивните вработени ја користат вештачката интелигенција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс