Чувствителни делови за американскиот борбен авион F-35, испратени на поправка од Австралија кон Соединетите Американски Држави, летово мистериозно завршија во Хонгконг, објави магазинот Политико. Инцидентот предизвика итна истрага во американскиот Конгрес поради стравувањата дека Кина можела да дојде до клучни компоненти од најнапредниот борбен авион на светот. Пентагон потврди дека дел од опремата навистина исчезнал за време на транспортот.
Пратката патувала преку комерцијален посредник ангажиран од производителот „Локид Мартин“. Наместо на предвидената дестинација во САД, товарот стигнал на територија под контрола на Пекинг. Засега нема официјално објаснување зошто пратката го сменила курсот ниту кој во моментов располага со тие делови.
Според извори упатени во случајот, меѓу исчезнатите компоненти се наоѓа и поклопец за пилотската кабина. Овој дел содржи специјална стелт-технологија што го прави авионот тешко видлив за радарите. Пристап до овие материјали имаат единствено САД и нивните најблиски сојузници. Доколку кинеските воени експерти стигнат до материјалот, би можеле преку обратен инженеринг да ги копираат заштитните слоеви.
Инцидентот со месеци се држел подалеку од јавноста. Претставници на Стејт департментот и на Пентагон уште во јуни ги информирале членовите на водечките конгресни одбори за национална безбедност, а нови сослушувања се закажани за наредните недели.
Американските законодавци инсистираат на целосен извештај за тоа како комерцијални логистички канали управуваат со критична воена опрема. Хонгконг во изминатите години е под засилена директна контрола на властите во Пекинг, што дополнително ги подгрева сомнежите за можен обид за индустриска и воена шпионажа врз програмата F-35.