Рускиот претседател Владимир Путин гласаше онлајн на изборите за нов состав на Државната дума, а официјалната снимка од неговиот кабинет откри неочекуван технички детаљ на мониторот. На снимката што ја дистрибуираше Кремљ јасно се гледа системското известување за неактивиран оперативен систем Виндоус. Руските гласачи три дена избираат 450 пратеници на првите парламентарни избори од почетокот на инвазијата врз Украина.
Кремљ објави видео материјал на кој се гледа како Путин седи зад работната маса и минува низ процедурата за електронско гласање. Претседателот внимателно се приближи кон екранот, полека кликна со глувчето и по добиената потврда на мониторот тивко изусти „благодарам“.
State news agency TASS has posted this clip of Putin voting online in the Russian parliamentary election pic.twitter.com/bdkATMFy63
— Francis Scarr (@francis_scarr) September 18, 2026
Потегот брзо стана мета на коментари на социјалните мрежи, но фокусот веднаш се префрли во долниот десен агол на екранот. Таму стоеше познатиот системски воден жиг „Activate Windows“. Оваа порака покажува дека компјутерот користи верзија на софтверот чија лиценца не е активирана или обновена.
Појавата на пораката за активација поттикна лавина од сатирични реакции на сметка на западните санкции. Технолошкиот гигант Мајкрософт уште во март 2022 година ја запре продажбата на нови производи и услуги на рускиот пазар, усогласувајќи се со рестрикциите воведени од САД, Европската Унија и Велика Британија.
Сепак, од самата видео снимка не може да се утврди точната техничка причина поради која оперативниот систем не бил активиран.

Парламентарното гласање се одвива на целата територија на Русија, но и во окупираните делови на Украина под руска контрола. Киев и Европската Унија веќе порачаа дека гласањето на тие територии е целосно незаконско и нема да ги признаат неговите исходи.
На овие избори право на глас имаат над 111 милиони граѓани, а на листите се наоѓаат десет партии кои отворено ја поддржуваат воената политика на Кремљ. Единствената регистрирана антивоена партија, либералната „Јаблоко“, претходно беше отстранета од националната листа со одлука на рускиот Врховен суд.