Ребека Гринспан води во трката за генерална секретарка на ОН

Дипломатката од Костарика обезбеди девет гласа во Советот за безбедност, но постојаните членки сè уште можат да стават вето.

Костариканската дипломатка Ребека Гринспан се издвои како водечка кандидатка во трката за генерална секретарка на ОН по најновиот неформален круг гласање во Советот за безбедност. Таа доби девет гласа поддршка од вкупно 15 членки на телото, соопшти израелската мисија при светската организација. Сегашниот генерален секретар Антонио Гутереш го завршува својот втор мандат на 31 декември, кога официјално му истекува функцијата.

За официјален избор на нов прв човек на ОН, кандидатот мора да обезбеди согласност од најмалку девет членки на Советот за безбедност. Постигнатиот консензус потоа оди на гласање и потврда пред Генералното собрание, кое брои 193 земји-членки.

Гринспан, која има 70 години, на последното тајно гласање доби девет гласа „за“ и пет „против“. Таа водеше и во првиот круг. Сепак, сè уште не е познато дали некој од петте постојани членки гласал против неа. Соединетите Американски Држави, Русија, Кина, Франција и Велика Британија имаат право на вето, со кое можат веднаш да ја блокираат секоја кандидатура. Позициите на постојаните членки обично се откриваат подоцна во постапката, преку гласачки ливчиња обележани со посебна боја.

Трката останува отворена, а досега се одржаа три круга неформални консултации.

Второто место на последното гласање го зазеде амбасадорката на Гвајана во ОН, Керолин Родригез Биркет. Зад неа, со по пет гласа поддршка, се најдоа првиот човек на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси и дипломатот од Уганда, Олара Отуну.

Во моментов за позицијата се номинирани вкупно осум кандидати, но правилата дозволуваат вклучување на нови имиња во секој момент од дипломатските преговори во Њујорк.

е-Трн да боцка во твојот инбокс