Протестите во Приштина продолжија и синоќа, се бара правда за командантите

По пладневниот собир на ветераните, граѓани и пратеници доцна синоќа повторно излегоа пред косовските институции.
Фото: x/@BesnikVe

Над илјада граѓани синоќа повторно го исполнија плоштадот „Скендербег“ во Приштина на нов протест во Приштина против првостепените пресуди на Специјализираните совети во Хаг. Собирот се одржа под слоганот „Не во мое име“, по одлуката со која четворица поранешни лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) беа осудени на вкупно 81 година затвор за воени злосторства. Ова е трета последователна вечер на незадоволство во косовскиот главен град.

Ноќниот собир уследи по масовниот протест што напладне го организираше Организацијата на воените ветерани на ОВК. Додека дневниот протест заврши мирно по четириесет минути, вечерниот протест собра граѓани, пратеници и јавни личности.

Пред присутните се обратија членови на семејствата на воените ветерани и на загинатите во војната на Косово во 1998 и 1999 година. За разлика од претходните две вечери кога собирите траеја и по полноќ, синоќешниот протест помина без пријавени судири со полицијата.

Повод за серијата демонстрации е првостепената пресуда што Специјализираните совети ја објавија на 16 септември. Судскиот совет им изрече долгогодишни затворски казни на четворицата поранешни водачи на ОВК: Хашим Тачи и Јакуп Красниќи добија по 25 години, Кадри Весели 18, додека Реџеп Селими беше осуден на 13 години затвор.

Судот ги прогласи за виновни за воени злосторства, конкретно за противправно лишување од слобода, сурово постапување, мачење и убиства. Истовремено, обвинетите беа ослободени од одговорност за злосторства против човештвото, бидејќи обвинителството не докажа дека постоел организиран и систематски напад врз цивилното население.

е-Трн да боцка во твојот инбокс