Трамп нуди бизнис-зделки за руски олигарси за да го натера Путин на мир во Украина

Белата куќа подготвува економски пакети уште пред прекинот на огнот, со надеж дека парите ќе ги омекнат тврдокорните струи во Москва.
Фото: Kremlin.ru, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Американскиот претседател Доналд Трамп подготвува нов пристап за прекин на војната во Украина, кој вклучува бизнис-зделки со Русија уште пред постигнување формален мировен договор, објави Њујорк тајмс. Според два извори упатени во преговорите, Вашингтон планира преку економски договори со луѓе од руската политичка и бизнис елита да создаде директен притисок врз Владимир Путин да седне на преговарачка маса. Фокусот на Белата куќа се ретките минерали, алуминиумот, енергетиката и Арктикот.

Планот на американската администрација претставува јасен заокрт во однос на претходниот став на Доналд Трамп, според кој обновувањето на економската соработка требаше да следи исклучиво по целосен крај на воените дејствија. Американски функционер за Њујорк тајмс објаснува дека целта на овој потег е да ѝ се покаже на Москва оти САД се подготвени за нов почеток во меѓусебните односи.

Идејата на Вашингтон е да се мотивираат влијателни фигури од руската политичка и бизнис-елита активно да се заложат за запирање на конфликтот. Дел од предложените зделки би се реализирале уште пред потпишувањето на мировниот договор, за да се уверат најтврдокорните соработници околу Владимир Путин дека понудата за зближување на економиите не е само тактички маневар.

Иако точните детали за сите договори сè уште не се официјално објавени, Москва веќе извесен период на американската страна ѝ презентира конкретни проекти. На масата се ставени ископувањето ретки минерали, производството на алуминиум, проекти од енергетскиот сектор и заеднички деловни иницијативи на Арктикот.

Овие економски канали веќе се тестирани на највисоко ниво. По средбата што Путин ја одржа со специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, и Џаред Кушнер во Москва на 5 септември, советникот на Кремљ Јуриј Ушаков потврди дека се воделе детални разговори токму за големи заеднички руско-американски стопански иницијативи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс