Пет песни, пет број 1 хитови: рекордот со кој Мараја Кери влезе во историјата

На 17 септември 1991 година го издаде „Emotions“, албумот со кој го продолжи неверојатниот почеток на кариерата и стана првиот изведувач чии први пет синглови стигнале до врвот на „Billboard Hot 100“

На 17 септември 1991 година, Мараја Кери го објави својот втор студиски албум, „Emotions“, преку издавачката куќа „Колумбија рекордс“. Насловната песна, објавена како прв сингл неколку недели претходно, стигнала до првото место на „Billboard Hot 100“ и стана петтиот последователен број 1 хит на Кери.

Со тоа таа стана првиот и единствен изведувач чии први пет синглови во кариерата стигнале до врвот на американската листа.

Поголема творечка контрола по огромниот дебит

По исклучително успешниот истоимен дебитантски албум од 1990 година, кој стигнал до првото место на „Billboard 200“, Кери добила поголема творечка слобода и можност сама да избира со кои продуценти ќе работи.

„Emotions“ бил сниман од јануари до јули 1991 година. Кери повторно соработувала со Волтер Афанасиеф, единствениот продуцент од дебитантскиот албум кој останал во тимот. На албумот работеле и Роберт Кливилс и Дејвид Коул, познати по работата со „C+C мјузик фактори“. Една од песните, „If It’s Over“, Кери ја напишала заедно со легендарната текстописка Керол Кинг.

Насловниот сингл „Emotions“ стигнал до првото место на „Billboard Hot 100“ и со тоа го продолжил неверојатниот почеток на кариерата на Кери. Тоа бил нејзин петти последователен број 1 хит – по „Vision of Love“, „Love Takes Time“, „Someday“ и „I Don’t Wanna Cry“. Со првите пет синглови во кариерата на врвот на листата, Кери поставила рекорд што никој дотогаш не го постигнал.

Албум што не го повторил успехот на дебитот

Иако насловната песна била огромен хит, самиот албум не го повторил комерцијалниот успех на дебитантскиот „Mariah Carey“. „Emotions“ дебитирал на четвртото место на „Billboard 200“, со 129.000 продадени примероци во првата недела. Тој станал првиот од неколкуте албуми на Кери што не стигнале до врвот на американската албумска листа.

Сепак, комерцијалниот резултат бил значаен: албумот подоцна продал повеќе од осум милиони примероци ширум светот и во САД добил четирикратен платинест сертификат. Реакциите на критичарите биле поделени. Кери била фалена за извонредниот вокален талент, но дел од критиките биле насочени кон нејзината склоност кон користење исклучително високи тонови, особено во насловната песна.

„Ролинг стоун“ ја опишал нејзината вокална способност како извонредна, но истовремено оценил дека нејзиното пеење во тој период било повеќе импресивно отколку експресивно.

„Can’t Let Go“ можел да биде шестиот број 1

Вториот сингл од албумот, „Can’t Let Go“, исто така бил исклучително успешен. Песната стигнала до второто место на „Billboard Hot 100“, но не успеала да стане шести последователен број 1 хит. Една од причините била одлуката на „Колумбија рекордс“ да го повлече синглот од продажба, со цел да ја поттикне продажбата на самиот албум. Третиот сингл, „Make It Happen“, стигнал до петтото место на листата.

На доделувањето на наградите „Греми“ во 1992 година, „Emotions“ бил номиниран во две категории, но не освоил награда. И покрај тоа што албумот не го достигнал успехот на дебитантското издание, неговото најголемо наследство останал рекордот што го поставила Кери: првите пет синглови во нејзината кариера – сите до еден на врвот на „Billboard Hot 100“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс