Поднаслов:
На 6 октомври, во Националната опера и балет во Скопје, се одбележаа 77 години од основањето на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Годишнината беше повод да се истакне придонесот на институцијата во образованието на генерации градежни инженери, како и нејзината улога во развојот на инженерската професија и науката во земјава и поширокиот регион.
„77 години посветеност на знаењето, инженерството, науката и создавањето генерации градители кои ја обликуваат нашата земја и поширокиот регион“, порачаа од Факултетот, нагласувајќи дека јубилејот е можност да се потсетиме на досегашните достигнувања, но и да се погледне кон иднината на професијата.
Одбележувањето беше посветено и на новите знаења, технологии и предизвици со кои се соочува градежништвото. Во време кога развојот на градовите, инфраструктурата и одржливото градење бараат нови пристапи и решенија, образовните и научните институции имаат важна улога во подготовката на идните генерации инженери.
„Со особена гордост ја продолжуваме приказната што започна пред 77 години – со почит кон минатото, со одговорност кон сегашноста и со визија за иднината“, велат од Градежниот факултет при УКИМ. Од институцијата упатија благодарност до професорите, вработените, студентите, алумните, партнерите и пријателите кои со својата работа и посветеност придонесуваат за нејзиниот развој.