На 26 јули 1952 година, во 20:25 часот, во палатата Унзуе во Буенос Аирес, почина Ева Перон – политичарка, хуманитарка и една од највлијателните жени во историјата на Латинска Америка.
Имала само 33 години, а официјалната причина за смртта бил рак на грлото на матката. Денес, 74 години подоцна, нејзиниот лик останува длабоко впишан не само во аргентинската, туку и во светската популарна култура – меѓу другото, преку мјузиклот „Евита“ на Ендру Лојд Вебер и Тим Рајс, како и филмската адаптација во која ја толкувала Мадона.
Од вонбрачно дете до актерка во Буенос Аирес
Родена како Ева Марија Ибаргурен на 7 мај 1919 година во селото Лос Толдос, во покраината Буенос Аирес, таа била најмладото од петте деца на Хуан Дуарте, богат земјопоседник, и неговата љубовница Хуана Ибаргурен.
Бидејќи нејзините родители не биле венчани, Ева и нејзините браќа и сестри законски биле сметани за вонбрачни деца, статус кој во тогашна Аргентина носел трајна општествена стигма.
Кога таткото ги напуштил и се вратил кај својата официјална сопруга, семејството останало без средства во руралниот дел на земјата.
На 15-годишна возраст, Ева заминала за Буенос Аирес со сон да стане актерка. Работела како радио и филмска изведувачка, градејќи скромна, но забележителна кариера, пред животот трајно да ѝ се промени во 1944 година, кога на добротворен настан за жртвите од земјотрес го запознала генералот Хуан Доминго Перон.
Се венчале следната година, а нејзиниот пат кон политичка моќ, дотогаш непозната за жена во Латинска Америка, веднаш започнал.
Прва дама без официјална функција, но со реална моќ
Иако никогаш не извршувала официјална државна функција, Ева де факто дејствувала како министерка за здравство и труд во владата на својот сопруг.
Преговарала за значителни зголемувања на платите со синдикатите, кои за возврат му давале политичка поддршка на Перон. Ја укинала државната поддршка за традиционалното „Друштво за добротворност“ и на негово место ја основала сопствената Фондација Ева Перон, финансирана преку „доброволни“ придонеси од синдикатите и бизнисите, како и преку значителен дел од приходите од националната лотарија.
Преку фондацијата биле изградени илјадници болници, училишта и домови за сиромашните.
Нејзиното најтрајно наследство останува борбата за женското право на глас. Во 1947 година, во голема мера благодарение на нејзиното залагање, бил усвоен Законот бр. 13.010, со кој на жените во Аргентина конечно им било признаено правото да гласаат.
Во 1949 година ја основала и Женската перонистичка партија, преку која систематски ги вклучувала жените во политичкиот живот на земјата.
Болеста, одбиената кандидатура и последниот говор
Во 1951 година било најавено дека Ева ќе биде кандидатка за потпретседателка на изборната листа заедно со Перон на претстојните избори, со силна поддршка од Општата конфедерација на трудот.
Комбинацијата од отпор во воените кругови и нејзиното влошено здравје ја натерале да ја повлече кандидатурата.
Веќе болна од рак, на 1 мај 1952 година му се обратила на народот од плоштадот Плаза де Мајо, видно исцрпена, но решителна. Меѓу нејзините последни јавни зборови била желбата да биде „виножито на љубов меѓу народот и Перон“.
Последен пат јавно се појавила на инаугурацијата на вториот претседателски мандат на својот сопруг, во јуни 1952 година, само еден месец пред смртта.
Балсамирањето и неверојатната одисеја на телото
По нејзината смрт, Перон го ангажирал шпанскиот патолог д-р Педро Ара, познат по балсамирањето на композиторот Мануел де Фаља, за трајно да го зачува нејзиното тело. Процесот траел цела година и во тоа време чинел 100.000 американски долари.
Наместо стандардно балсамирање, Ара ги оставил внатрешните органи недопрени, ја заменил крвта со глицерин и во вените вметнал стаклени топчиња за структурна поддршка, тврдејќи дека телото ќе издржи и пожар и бомбардирање. Направил и три реплики од восок, винил и фиберглас, толку веродостојни што дури и луѓето кои работеле со нив не можеле да ги разликуваат од оригиналот.
Телото требало трајно да биде изложено во седиштето на синдикалната конфедерација, до изградбата на монумент поголем од Статуата на слободата. Тие планови пропаднале кога Перон бил соборен со воен удар во 1955 година и побегнал во егзил, без да стигне да го обезбеди телото на својата сопруга.
Новата воена хунта, стравувајќи дека балсамираните останки ќе станат симбол на отпор за перонистите, го украла телото и со години го криела низ Буенос Аирес, во комбе на улиците на градот, зад платно во кино, па дури и во зградата на градскиот водовод.
Офицерот задолжен за неговото чување, потполковникот Мори Кониг, наводно бил опседнат со телото и го носел ковчегот дури и во сопствената канцеларија, поставен исправено, сè до неговото отстранување од служба.
Конечно, телото тајно било пренесено во Италија и закопано во гробница во Милано под лажно име.
Локацијата останала непозната цели 16 години, сè додека во 1971 година не била откриена. Потоа телото му било предадено на Перон, кој тогаш бил во егзил во Мадрид, каде, според сведоштвата, го чувал во својот дом.
Дури по враќањето на Перон во Аргентина во 1973 година и неговата смрт следната година, телото конечно било вратено во земјата.
На 17 ноември 1974 година било погребано во семејната гробница на Перонови во Буенос Аирес.
Наследство поделено меѓу обожавање и контроверзии
За милиони припадници на работничката класа во Аргентина, Ева Перон останува речиси светица, нејзините следбеници дури неуспешно се обиделе да ја канонизираат по нејзината смрт. За нејзините противници, таа останува контроверзна фигура, обвинувана за авторитарни методи и култ на личност изграден околу режимот на нејзиниот сопруг.
Оваа поделеност во перцепцијата, меѓу народна светица и контроверзна политичка фигура останува централна тема во начинот на кој нејзиниот лик продолжува да се толкува и денес, 74 години по нејзината смрт.