На 26 јули 1990 година, американскиот претседател Џорџ Буш Постариот, на јужната тревна површина на Белата куќа, го потпиша Законот за Американците со попреченост (Americans with Disabilities Act, ADA) – првиот сеопфатен закон за граѓански права на лицата со попреченост во светот.
„Нека конечно падне срамниот ѕид на исклучувањето“, изјавил тогаш Буш.
Триесет и шест години подоцна, законот остава траен белег врз начинот на кој светот размислува за пристапноста и еднаквоста. Во Македонија, правната рамка за заштита на лицата со попреченост започна да се гради дваесетина години подоцна. Прашањето денес не е дали правата постојат на хартија, туку колку реално функционираат во секојдневниот живот.
Борбата зад американскиот закон
Патот до ADA не бил ниту брз ниту лесен. Уште во осумдесеттите години, активистите за правата на лицата со попреченост почнале отворено да ги предизвикуваат бариерите што ги исклучувале од заедницата, повикувајќи се директно на движењето за граѓански права.
Извештај на Националниот совет за попреченост од 1986 година утврдил бројни празнини во тогашното федерално законодавство, кои оневозможувале целосно учество во општеството и еднакви можности за вработување на милиони Американци со попреченост.
Симболичен момент во таа борба бил таканаречениот „Капитол Крол“ во март 1990 година, протест на кој десетици активисти со попреченост, откако ги оставиле инвалидските колички, буквално се искачиле по стоте скалила на Капитолот во Вашингтон, за физички да покажат со какви бариери секојдневно се соочуваат.
Неколку месеци подоцна, законот бил усвоен во Претставничкиот дом со едногласно гласање и во Сенатот со 76 гласа „за“ наспроти 6 „против“.
ADA забранува дискриминација врз основа на попреченост во вработувањето, јавните услуги и објекти, транспортот и телекомуникациите, а поставува и конкретни стандарди за пристапност на јавните згради.
Македонскиот правен пат – дваесет години подоцна
Во Македонија, првиот сеопфатен закон што ја вклучува попреченоста како заштитена основа од дискриминација – Законот за спречување и заштита од дискриминација, е донесен дури во 2010 година, дваесет години по американскиот ADA.
Законот подоцна е целосно заменет со нова верзија, објавена во „Службен весник“ бр. 101/2019, која експлицитно ја наведува попреченоста меѓу основите поради кои е забранета секаква форма на дискриминација. За надзор над спроведувањето е формирана самостојна Комисија за спречување и заштита од дискриминација.
Клучна пресвртница била и ратификацијата на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост во 2011 година.
Според Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик народен правобранител задолжена за следење на примената на Конвенцијата, со ратификацијата државата се обврзала да ги почитува правата на своите граѓани со попреченост и да придонесе за нивен достоинствен живот преку унапредување, заштита и целосно уживање на сите човекови слободи и права.
Дополнителна алка е и Законот за вработување на инвалидни лица, донесен во 2013 година и повеќепати изменуван до 2020 година, кој ги регулира условите за вработување на лица со попреченост, вклучувајќи финансиска поддршка и даночни олеснувања за работодавците.
Најновата законска промена дојде во почетокот на 2026 година, кога беа усвоени измени на Законот за системот за процена на попреченост кај децата и младите, целосно усогласени со Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје и со Конвенцијата на ОН, чекор што УНИЦЕФ јавно го поздрави како значаен напредок.
Она што законот го вели наспроти она што се гледа на улица
И покрај веќе изградената правна рамка, самата Бајрамовска-Мустафа предупредува дека недостасува доследна и целосна практична имплементација на Конвенцијата.
Лицата со попреченост, не само во Македонија туку и низ светот, продолжуваат да се соочуваат со широк спектар повреди на човековите права, вклучително дискриминација, стигма и изолација. Многумина немаат или имаат отежнат пристап до јавни добра и услуги, здравствена заштита, образование и вработување.
Токму физичката пристапност е местото каде разликата меѓу законот и реалноста станува најочигледна.
Град Скопје во последниве години постави пристапни рампи во сите јавни претпријатија и јавни културни установи – од Културно-информативниот центар и Музејот на градот Скопје, до Зоолошката градина и Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.
Слично, во голем дел од училиштата што биле реновирани во последниве години, изградени се пристапни рампи и адаптирани тоалети за ученици со попреченост.
Проблемот, според Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет, не е секогаш во отсуството на рампи, туку во нивната неправилна изведба.
Дел од постојните рампи, предупредуваат од Сојузот, се толку стрмни што личат на скијачки скокалници – конструкции по кои никој со инвалидска количка не би можел да се искачи без физичка помош.
Стандардот бара наклон од 1:12 до 1:20, а изградбата на технички исправна коса рампа, според проценки, чини само од 100 до 200 евра.
Токму поради ваквите пропусти, лицата со телесна попреченост често сведочат дека наместо самостојно да влезат во институција, мораат да замолат некој друг физички да им помогне или да им заврши работа наместо нив во објекти каде скалите остануваат единствениот пристап.
Пристапноста на градот Скопје за лицата со попреченост неодамна беше тема и на видео-интервју на трн.мк во рамки на форматот РеТрн, во разговор со Гере Трипков, потврда дека прашањето остава простор за длабинска и продолжена дебата, далеку надвор од сувите законски текстови.
Вработувањето – слика на институционален судир
Слична динамика меѓу правилата и реалноста постои и на пазарот на трудот.
Иако Законот за вработување на инвалидни лица постои веќе повеќе од една деценија, во последниве години се разгорува дебата околу воведувањето задолжителна квота за вработување лица со попреченост во приватните компании со над 20 вработени.
На предлогот јавно се спротивставуваат организациите на работодавачи, тврдејќи дека во моментов нема доволен број лица со попреченост подготвени и способни да се вклучат на пазарот на труд и дека новиот модел само би ги зголемил давачките без реално да ја подобри инклузијата.
Спротивно на ова, застапниците на правата на лицата со попреченост укажуваат дека токму отсуството на структурен притисок врз работодавачите ја одржува ниската стапка на вработеност кај оваа група, создавајќи затворен круг – без работни места нема економска независност, а без економска независност е потешко да се бара реална општествена вклученост.
Разликата меѓу хартијата и животот
Триесет и шест години по потпишувањето на ADA во Вашингтон, а петнаесетина години откако Македонија ги постави своите клучни законски темели, сликата останува иста секаде каде што правото на хартија сè уште не се преточило целосно во секојдневна практика.
Разликата меѓу тоа некој самостојно да влезе во зграда преку правилно изградена рампа, наместо да чека некој друг да му помогне пред скали, е токму она што реално го дефинира достоинството загарантирано со закон.