63 рудари заробени во „Трепча“: извлекувањето почна, спасувањето може да трае цела ноќ

Пожар во трансформатор предизвикал прекин на електричната енергија во рудникот кај Митровица, Косово. Првите рудари почнале да излегуваат преку скалите за итни случаи, а медицинските екипи се подготвени да интервенираат.

Шеесет и тројца рудари вечерва останале заробени под земја во рудникот „Трепча“, кај Митровица во Косово, откако пожар во трансформатор предизвикал прекин на снабдувањето со електрична енергија. Спасувачките активности се во тек, а според локалните медиуми, првата група рудари веќе почнала да излегува на површината. Извлекувањето се одвива отежнато и може да продолжи во текот на целата ноќ.

Според информации што извори од рудникот ги пренеле за агенцијата „Косовапрес“, рударите останале заглавени на единаесеттото ниво. Четворица од нив веќе излегле преку скалите за итни случаи, но засега нема прецизни информации колкумина успеале да се упатат кон излезот. Бидејќи електричната енергија сè уште не била обновена, извлекувањето се одвива по скалите, а први се искачуваат рударите кои се во подобра физичка кондиција.

На местото се присутни медицински екипи подготвени да им укажат помош на рударите по излегувањето. Засега нема целосни информации за здравствената состојба на сите 63 лица, ниту за тоа кога ќе заврши извлекувањето. Семејствата и колегите ги очекуваат новите информации додека спасувачките екипи продолжуваат со работата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс