На 22 јули, Светската федерација за неврологија (СФН) го одбележува Светскиот ден на мозокот, ден воспоставен во 2014 година со цел да се подигне свеста за невролошките заболувања и важноста на здравјето на мозокот. Годинашната тема е „Здравје на мозокот: пристап за сите“, потсетник дека, и покрај забрзаниот научен напредок, милиони луѓе сè уште немаат навремен пристап до невролошка здравствена заштита. Според СФН, над 3,4 милијарди луѓе ширум светот, односно повеќе од 40 проценти од светската популација, живеат со некое невролошко заболување, што ги прави овие болести водечка причина за инвалидитет на глобално ниво. Според податоците, во Македонија годишно се регистрираат околу 5.000 нови случаи на мозочен удар
Зошто токму 22 јули?
Датумот не е случаен избор. На 22 јули 1957 година, во Брисел е основана Светската федерација за неврологија – меѓународно здружение кое денес обединува 126 национални здруженија на невролози. Идејата за одбележување на Светски ден на мозокот првпат била предложена во 2013 година на Светскиот конгрес по неврологија, а официјално е прифатена и првпат одбележана на 22 јули 2014 година. Секоја година кампањата е посветена на различна тема – во претходните години фокусот беше ставен на епилепсијата, мозочниот удар и превенцијата на деменцијата.
Темата за 2026 година
Годинашната тема, „Здравје на мозокот: пристап за сите“, ја нагласува разликата меѓу медицинскиот напредок и реалната можност луѓето да имаат корист од него. Според професорката Тиса Вијератне, претседателка на кампањата за Светскиот ден на мозокот 2026, целта е здравјето на мозокот да стане достапно за секого, без оглед каде живее, преку навремена, достапна и континуирана здравствена заштита, како и пристап до основни лекови и помошни технологии.
Кои болести спаѓаат во невролошките заболувања?
Меѓу најчестите невролошки заболувања се мозочниот удар, мигрената, епилепсијата, деменцијата, Паркинсоновата болест, мултиплекс склерозата, инфекциите на нервниот систем и трауматските повреди на мозокот. Посебна категорија се невродегенеративните заболувања, состојби при кои нервните клетки постепено ја губат својата функција, како што се Алцхајмеровата и Паркинсоновата болест.
СФН потсетува дека мозокот ги контролира движењето, меморијата, учењето, емоциите и комуникацијата – речиси секоја суштинска телесна функција зависи од неговото здравје.
Македонија во „црвената зона“
Додека светот зборува за еднаков пристап до здравствена заштита, домашните податоци покажуваат зошто оваа тема е особено важна за Македонија. Според Македонското невролошко здружение, земјата се наоѓа во „црвената зона“ на светската мапа и според зачестеноста (морбидитетот), и според смртноста од мозочен удар. Проценките покажуваат дека речиси секој четврти жител е во ризик да доживее мозочен удар во текот на животот.
Според Универзитетската клиника за неврологија во Скопје, во Македонија годишно се регистрираат околу 5.000 нови случаи на мозочен удар. Загрижува и фактот што класичните фактори на ризик, висок крвен притисок, покачен шеќер во крвта, зголемени масти, пушење, стресен начин на живот и аерозагадување – сè почесто се присутни и кај лица помлади од 45 години, а не само кај повозрасната популација.
Зошто брзата реакција е клучна?
Лекарите нагласуваат дека препознавањето на симптомите и брзата реакција директно го одредуваат исходот кај мозочниот удар.
Најважните предупредувачки знаци се: ненадејно отежнат или одземен говор, искривување на едната страна од лицето, слабост или одземеност на раката или ногата на едната страна од телото.
Доколку станува збор за исхемичен мозочен удар, во првите три до четири и пол часа од појавата на симптомите може да се примени интравенска тромболиза, терапија што го раствора тромбот и значително ги подобрува шансите за закрепнување. Но тоа е можно само ако пациентот навреме пристигне во соодветна здравствена установа.
Пристапот е клучен фактор и кај нас
Токму тука се преклопуваат глобалната тема за 2026 година и македонската реалност. Навременото препознавање на симптомите, брзиот транспорт до здравствена установа и достапноста на терапија во критичниот временски прозорец не се само медицински прашања, туку прашање на еднаков пристап до здравствена заштита, токму темата што Светската федерација за неврологија ја става во фокус годинава.
Во земја во која речиси секој четврти жител е во ризик од мозочен удар, а секојдневно се регистрираат нови случаи, разликата меѓу навремената и задоцнетата интервенција често е разлика меѓу целосно закрепнување и трајна инвалидност.5.000 мозочни удари годишн