Русија тврди: Германија развива капацитети за нуклеарно оружје, Берлин ги отфрла сомнежите

Руската надворешна разузнавачка служба тврди дека Германија развива истражувања поврзани со нуклеарни технологии и дека би можела да создаде нуклеарна направа за една година. Берлин е обврзан со Договорот за неширење нуклеарно оружје.

Руската надворешна разузнавачка служба (СВР) тврди дека членки на НАТО се загрижени поради наводните нуклеарни истражувања во Германија и амбициите на Берлин поврзани со развој на напредни воени технологии. Според соопштението на СВР, до кое се повикуваат руските медиуми, претставници на министерствата за одбрана на „клучна членка на НАТО“ изразиле загриженост поради германските активности во областа на нуклеарните програми.

Руската служба тврди дека истражувањата опфаќаат напредни материјали, физика на ударни бранови, нуклеарна и неутронска физика, во кои учествуваат околу 30 германски универзитети.

Меѓу институциите што ги наведува СВР се Технолошкиот институт во Карлсруе, Универзитетот „Рур“ во Бохум, Универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен, Техничкиот универзитет во Ахен и Техничкиот универзитет во Берлин.

Според руските тврдења, практични експерименти се спроведуваат на шест истражувачки реактори во рамки на овие центри.

Москва тврди дека Германија би можела брзо да создаде нуклеарна направа

СВР наведува и дека Германија спроведува координирани активности за развој на високоенергетски експлозиви и електронски детонациски системи, со учество на одбранбени компании како Rheinmetall, Diehl Stiftung, KNDS Group и Umarex. Руската служба тврди дека материјалите и опремата се тестираат на германски воени полигони.

Според нивните проценки, кои СВР ги припишува на воени експерти од НАТО, Германија би можела да произведе доволно фисилен материјал за една нуклеарна направа за еден до три месеци и да создаде функционална нуклеарна експлозивна направа во рок од една година, без изведување целосен нуклеарен тест.

Москва тврди дека ваквите проценки предизвикале загриженост кај дел од германските сојузници, особено по најавите на Берлин за значително зајакнување на вооружените сили под канцеларот Фридрих Мерц.

Германија е потписник на Договорот за неширење нуклеарно оружје

Германија е потписничка на Договорот за неширење нуклеарно оружје (НПТ), со кој се обврза дека нема да развива или набавува нуклеарно оружје.

Берлин учествува и во програмата на НАТО за споделување на нуклеарно оружје, според која американското нуклеарно оружје распоредено во Европа останува под контрола на САД.

Тврдењата на руската разузнавачка служба не се потврдени од независни извори. Москва и претходно упатуваше обвинувања кон западните земји во контекст на растечките тензии меѓу Русија и НАТО.

е-Трн да боцка во твојот инбокс