Американскиот претседател Доналд Трамп ќе мора да достави детална финансиска документација во рамки на тужбата за клевета што ја поднесе против британскиот јавен сервис Би-Би-Си. Федерална судијка во Мајами одлучи дека медиумската куќа има право да ги испитува деловните податоци на Трамп, бидејќи во тужбата тој тврди дека на неговите компании им била нанесена економска штета.
Судијката Енџолик Лет оцени дека бизнисите на Трамп станале релевантен предмет на постапката, бидејќи претседателот првично тврдеше дека документарецот на Би-Би-Си од 2024 година влијаел врз вредноста и угледот на неговите компании.
„Целиот бренд на претседателот Трамп, неговите недвижности и компании се во центарот на спорот. Угледот и економската штета се дел од оваа постапка“, изјавила судијката.
Одлуката му овозможува на Би-Би-Си да побара информации за финансиското работење на повеќе од 400 компании поврзани со семејниот фонд на Трамп.
Промена во стратегијата на адвокатите на Трамп
Адвокатскиот тим на Трамп се обидел да го ограничи обемот на случајот, повлекувајќи ги деловите од барањето за отштета што се однесуваат на финансиска штета. Тие сега тврдат дека бараат компензација само за нарушување на угледот.
Тужбата се однесува на начинот на кој Би-Би-Си монтирал делови од говорот на Трамп од 6 јануари 2021 година, кога тој зборуваше пред своите приврзаници пред нападот врз американскиот Капитол. Трамп тврди дека монтажата создала впечаток дека директно повикувал на насилство.
Адвокатот на Би-Би-Си, Чак Тобин, оценил дека не може да се направи јасна граница меѓу угледот на Трамп и неговото деловно работење.
„Невозможно е да се одвои човекот и неговиот углед од начинот на кој ги води своите бизниси“, изјавил Тобин.
Би-Би-Си бара и сведочење на Трамп
Во рамките на постапката, Би-Би-Си побарал Трамп да даде исказ под заклетва. Адвокатите на медиумот тврдат дека тој мора да одговори на прашања поврзани со неговите изјави и нивното значење.
Медиумската куќа истовремено бара отфрлање на целата тужба, тврдејќи дека судот во Флорида нема надлежност над случајот поради ограниченото деловно присуство на Би-Би-Си во таа сојузна држава.
Тужбата може да се сврти против Трамп
Случајот покажува дека правните постапки што Трамп често ги покренува против медиуми можат да создадат можност за подетално испитување на неговите деловни активности.
Доколку постапката продолжи, Трамп најверојатно ќе мора да сведочи, а неговите финансиски договори и деловни структури може да станат дел од јавната судска расправа.