Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди сериозни пропусти во работењето на Агенцијата за задолжителни нафтени резерви за 2024 година. Извештајот покажува дека Министерството за одбрана повеќе од осум години не враќа позајмица од 600 илјади килограми мазут издадена во 2017 година. Ревизорите констатираа и дека Владата четири години по ред нема донесено одлуки за количината и структурата на залихите.
Според ревизорскиот извештај, поранешната Дирекција за задолжителни резерви пред повеќе од седум години издала краткорочна позајмица од 600 илјади килограми мазут на Министерството за одбрана. Намената била непречено остварување на функциите на Армијата, со обврска енергенсот да се врати до 31 декември 2017 година. Овој долг останува нерешен, што директно ги намалува стратешките залихи и деновите на покриеност со нафтени деривати во државата. Дополнително, нафтени деривати трајно се издавале преку владини одлуки за време на прогласени кризни состојби.
Агенцијата нема доставено предлог-одлуки до надлежното министерство за периодот од 2022 до 2025 година. Поради ова, Владата нема донесено решенија за точната количина и структура на задолжителните резерви. ДЗР нотира и системски слабости во законската рамка, бидејќи нема утврдена методологија за усогласување на вредноста на залихите. Постои и неусогласеност на надлежностите меѓу Владата и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во делот на донесувањето подзаконски акти.
Иако финансиските извештаи добија позитивно мислење за објективност, ревизорите изразија мислење со резерва за усогласеноста со законите. Откриени се исплати на плати и надоместоци кои отстапуваат од регулативата, како и несоодветно евидентирање на полното работно време на вработените. Институцијата нема воспоставено систем за внатрешна ревизија, што претставува ризик за контролните механизми.
Ревизорите потсетуваат дека слични проблеми биле констатирани уште во 2018 година и дел од тогашните препораки останале нереализирани. Отворено е и прашањето околу мандатот на директорот и постапката за именување вршител на должност. Раководството на Агенцијата немало забелешки на нацрт-извештајот од ревизијата.