Силното невреме проследено со ветар попладнево предизвика сериозни оштетувања на зграда во населбата Карпош 4. Фотографиите покажуваат како кровната конструкција е целосно откорната и виси од објектот, претставувајќи опасност. Станарите се загрижени за безбедноста.
На фотографијата јасно се гледа размерот на уништувањето. Ветарот успеал целосно да го подигне горниот лимен слој од кровот. Кровната потконструкција е скршена и распарчена, а делови од метални греди висат небезбедно од покривот кон пониските катови и балкони. Околу зградата има паднати гранки од околните дрвја, што дополнително сведочи за силината на невремето.
Најголемиот проблем во моментов се деловите од конструкцијата што сè уште се наоѓаат на покривот или висат од него. Тие претставуваат директна закана за минувачите, но и за станарите чии балкони се наоѓаат под оштетениот дел. Граѓаните апелираат на претпазливост при движење во близина на оштетените објекти додека службите не ги осигураат истите.
На терен излегоа служби од општината, како и градоначалникот Сотир Лукровски.
Претходно, Град Скопје го мобилизираше Кризниот штаб. Сите расположливи екипи остануваат на терен за расчистување на последиците и заштита на граѓаните од невреме во Скопје. Отворена е и директна телефонска линија каде што граѓаните можат да пријават штети или да побараат итна помош од градските служби.
Сите граѓани на кои им е потребна поддршка или се наоѓаат во итна состојба можат да се јават на телефонскиот број: +389 78 207 687.