Денес, на Меѓународниот ден на чистиот воздух за сино небо, воздухот во Скопје останува тежок за дишење. На 6 септември, Центарот за управување со кризи регистрираше над 30 пожари на отворен простор, а густиот чад од пожарот зад Македонската радио-телевизија и од огнот кон косовската граница се чувствуваше низ градот. Обединетите нации го одбележуваат овој ден од 2020 година, потсетувајќи дека загадениот воздух е еден од најголемите здравствени ризици во светот.
Меѓународниот ден дојде со чад, не со сино небо
Собранието на Обединетите нации во декември 2019 година, со Резолуцијата 74/212, го прогласи 7 септември за Меѓународен ден на чистиот воздух за сино небо. Годинава е седмото одбележување по ред. Во Скопје, датумот дојде проследен со над 30 пожари на отворен простор, регистрирани до утрото на 6 септември, од кои шест сè уште беа активни.
Најкомплексен беше пожарот кај Рамно, во општина Чучер-Сандево, чиј чад силниот ветер го носеше директно кон градот. Истиот ден попладне избувна и пожар зад зградата на МРТВ. На терен работеа пожарникари, тимови на Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата и полициски хеликоптер.
Проблемот трае цела година, не само за време на пожарите
Скопје со години се наоѓа при врвот на листите на најзагадени градови во светот, а на 23 декември 2022 година беше рангирано како втор најзагаден град во светот, покажуваат податоците на Министерството за животна средина.
Според најновиот акциски план на надлежните институции, домаќинствата и административните објекти со нееколошки системи за греење учествуваат со 45 отсто во емисиите на ПМ10-честички и со 71 отсто во емисиите на ПМ2,5, додека сообраќајот учествува со само 4 до 5 отсто во емисиите на цврсти честички.
Географската положба во котлина дополнително го отежнува распрснувањето на загадувачите, особено во зимскиот период.
Според извештај на УНИЦЕФ, во Македонија просечните нивоа на ПМ10 или ПМ2,5-честички го надминуваат безбедниот праг повеќе од 100 дена годишно, а 11,6 отсто од сите смртни случаи кај доенчиња во земјава се должат на загаден воздух, односно на секое деветто дете помладо од една година.