18 рудари извлечени од „Стари Трг“ по 12 часа под земја

Рударите останале заглавени по дефект на далекувод, а техничките и спасувачките екипи успеале безбедно да ги извлечат на површина.

Осумнаесет рудари се извлечени од рудникот „Стари Трг“ во близина на јужниот дел на Косовска Митровица, откако повеќе од 12 часа биле заглавени под земја поради прекин во снабдувањето со електрична енергија.

Според регионалните медиуми, рударите останале во окната околу 1:30 часот по полноќ, кога дефект на далекувод предизвикал прекин на струјата и ги блокирал системите неопходни за нормално функционирање на рудникот.

По повеќечасовна интервенција, техничките и спасувачките екипи успеале да го санираат проблемот и да овозможат безбедно извлекување на рударите на површина. Според првичните информации, сите се во стабилна состојба.

Од компанијата „Трепча југ“, која управува со рудникот, соопштиле дека ова не е прв ваков инцидент и дека и претходно имало случаи во кои рудари останувале заглавени во окната поради проблеми со електричната мрежа.

Рудникот „Стари Трг“ со години се соочува со технички и инфраструктурни проблеми, а вработените повеќепати предупредувале на тешките услови за работа и нестабилното функционирање на системите.

Инцидентот повторно го отвори прашањето за безбедноста на рударите, но и за состојбата на енергетската и рударската инфраструктура во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс