Од 2012 до 2025 година во кочанскиот клуб „Пулс“ не била извршена ниту една инспекциска контрола од инспектор за противпожарна заштита. Ова беше посочено при презентирањето на градежното вештачење во судскиот процес за катастрофалниот пожар во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Вештакот Маријана Лазаревска пред судот ги образложи утврдените недостатоци во објектот, меѓу кои и несоодветната заштита од пожар. Според наодите, влезната врата не ги исполнувала потребните безбедносни услови, а објектот немал соодветно проектирани и обезбедени патишта за евакуација.
Во вештачењето се наведува дека објектот требало да поседува техничка документација и системи што ќе овозможат конструкцијата да ја задржи носивоста при пожар, да се ограничи ширењето на огнот и чадот и посетителите безбедно да го напуштат просторот. Според презентираните наоди, овие услови не биле исполнети во „Пулс“.
Посебно внимание на рочиштето беше посветено на фактот дека во период од 13 години не бил спроведен надзор од надлежен противпожарен инспектор. Според обвинението, Дирекцијата за заштита и спасување не обезбедила инспектор за Кочани, а клубот не бил опфатен ниту со плановите за редовен надзор, иако станувало збор за објект во кој се собирале голем број луѓе.
Обвинителството тврди дека клубот од 2012 до 2025 година незаконски вршел угостителска дејност, без исполнување на минималните технички услови и со градежни интервенции изведени без соодветна дозвола и стручен надзор. Во објектот, според обвинението и вештачењето, биле вградени лесно запаливи синтетички и полимерни материјали кои овозможиле брзо ширење на пожарот.
Одбраната на сопственикот на „Пулс“ оспорува делови од наодите и начинот на кој било изработено вештачењето. Конечната оценка за доказите и одговорноста на обвинетите треба да ја донесе судот.
Пожарот избувна во раните утрински часови на 16 март 2025 година, откако пиротехнички средства употребени за време на музички настап го запалија плафонот на клубот. Судскиот процес опфаќа поранешни функционери, инспектори, сопственици и управители на клубот, лица од обезбедувањето и други службени лица.