12 модели на телефони ќе останат без WhatsApp од мај 2026

Поддршката се укинува за дел од постарите iPhone и Android модели, меѓу кои iPhone 5, iPhone 6, Samsung Galaxy S3, Sony Xperia Z и Nexus 4.

Популарната апликација за размена на пораки WhatsApp од мај 2026 година ќе престане да функционира на одредени модели на Android и iPhone уреди. Одлуката е донесена затоа што апликацијата бара понови оперативни системи за да може да воведува нови безбедносни протоколи, да ја подобрува брзината на работа и да овозможува нови функции.

Губењето пристап нема да се случи одеднаш, туку постепено. Корисниците прво ќе се соочат со ограничувања на одредени опции, пред апликацијата целосно да престане да работи на постарите уреди.

Кога станува збор за Apple, поддршката ја губат моделите iPhone 5, 5c, 5s, 6 и 6 Plus. Исто така, секој уред што користи оперативен систем iOS 15.1 или постар повеќе нема да може да ја користи апликацијата WhatsApp.

Во Android екосистемот ќе бидат погодени поголем број модели, бидејќи апликацијата бара понови верзии на софтверот заради стабилност и безбедност. На корисниците на овие уреди им се препорачува да размислат за понов телефон или за ажурирање на оперативниот систем, доколку тоа сè уште е можно за нивниот модел.

Овој чекор е дел од напорите на WhatsApp да ја унапреди безбедноста и перформансите на апликацијата, со цел корисниците да добијат понови функции без да биде загрозена заштитата на нивните податоци.

На листата уреди што ќе ја изгубат компатибилноста се наоѓаат и некои некогаш многу популарни модели, како Samsung Galaxy S3, Samsung Galaxy Note 2, Samsung Galaxy S4 Mini, првата генерација на Moto G, Sony Xperia Z, LG Optimus G, како и Nexus 4.

Сите овие телефони од мај 2026 година ќе станат дел од технолошкото минато кога станува збор за комуникација преку оваа платформа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни