Кога зборуваме за 11 Октомври, колку често ги споменуваме жените што се бореле за слободата? Кои нивни имиња ги знаеме? И која жена денес би ја нарекле хероина?
По повод празникот, се навраќаме на уличната анкета на „Внимание“, првично објавена на Трн на 10 октомври 2024 година. Разговорот со скопјани почнува од едно навидум едноставно прашање: зошто паркот Жена борец го носи тоа име?
Одговорите нè водат од жените прогласени за народни хероини до оние чии секојдневни борби ги гледаме околу нас. Меѓу нив, соговорниците ги препознаваат самохраните мајки и жените што се борат да преживеат и да останат свои.
Прашањата се однесуваат и на тоа за што се бореле партизаните и партизанките, а што сме подготвени ние да направиме против фашизмот и екстремизмот. Една од пораките во анкетата е: „Да бидеме ние тие кои што на фашизмот нема да му дозволиме да се повтори во ниту една форма“.
Повторно ја споделуваме анкетата како повод да разговараме за женското учество во борбата, за паметењето и за значењето на слободата денес. Кои жени ги паметиме кога го славиме празникот — и кои заслужуваат повеќе простор во нашите приказни?