1 Мај на улица: Работниците бараат повисоки плати – „Не молиме, се бориме“

Синдикатите повикуваат на масовен протест на 1 Мај во Скопје. Над 260.000 работници живеат со под 600 евра – барањата се повисоки плати, безбедни услови и достоинствен живот.

„За плати се бориме, не молиме“ – со оваа порака, Сојузот на синдикати на Македонија го најавува протестот за 1 Мај, повикувајќи ги работниците масовно да излезат и јавно да го изразат незадоволството. Барањата се јасни: повисоки плати, подобри услови за работа и повеќе сигурност за секој работник.

Според претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, состојбата е алармантна. Повикот го темели на податоци од Управата за јавни приходи, кои покажуваат дека повеќе од 260.000 работници во земјава живеат со месечни приходи под 600 евра – бројка што опфаќа речиси половина од работната сила.

„Ова се луѓе кои не треба да се жалат на улица или преку пораки, туку да застанат рамо до рамо и да покажат дека не се задоволни од платите што ги носат дома“, порача Трендафилов.

Дополнително, минималната плата годинава порасна за 1.667 денари, но истовремено минималната синдикална кошничка се зголеми за над 3.300 денари. Тоа, според ССМ, значи дека дури и семејства со двајца вработени на минимална плата не можат да ги покријат ни основните трошоци за живот.

Синдикатот предупредува и на друг сериозен проблем – безбедноста на работните места. Според нивни проценки, околу 30 работници годишно го губат животот на работа, иако официјалните бројки се пониски.

„Животот на работник не смее да се сведува на осигурителна сума од неколку илјади евра. Безбедноста мора да биде исто толку важна како и платата“, вели Трендафилов.

Протестот ќе започне на 1 Мај во 11 часот пред Домот на работниците во Скопје. Најавено е учество на повеќе синдикати од различни сектори, вклучително и дел од оние кои веќе избориле повисоки плати – како знак на солидарност со останатите.

Овој 1 Мај, пораката е јасна: достоинството не се преговара – се бара.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни