Зверев и сензацијата Фери во полуфинале на Вимблдон: Британецот испиша историја

Артур Фери и Александер Зверев се пласираа во полуфиналето на Вимблдон 2026. Британецот со вајлд-карта испиша историја, а Зверев првпат стигна до завршницата на турнирот.

Британецот Артур Фери и Германецот Александер Зверев се првите тенисери кои обезбедија место во полуфиналето на Вимблдон 2026. Дваесет и тригодишниот Фери, кој е 114. тенисер на АТП-листата, го постигна најголемиот успех во кариерата откако во четвртфиналето го совлада италијанскиот тенисер Флавио Коболи со 6:4, 7:6 (4), 6:0.

Со овој триумф Фери стана првиот тенисер со вајлд-карта кој стигнал до полуфиналето на Вимблдон по Горан Иванишевиќ во 2001 година. Британецот, кој е роден во Франција во тениско семејство, досега беше релативно непознат за пошироката јавност, но со настапот на Вимблдон се вброи меѓу најголемите изненадувања на турнирот.

Фери стана само петтиот Британец во АТП ерата кој стигнал до полуфиналето на Вимблдон, по легендарните Енди Мареј, Тим Хенман, Роџер Тејлор и Камерон Нори.

Зверев конечно го проби проклетството против Фриц

Во второто четвртфинале, Александер Зверев ја совлада една од најголемите пречки на патот кон титулата. Германецот го победи Американецот Тејлор Фриц со убедливи 6:4, 6:4, 6:2, прекинувајќи ја долгата серија порази против него.

За Зверев ова ќе биде прво полуфинале на Вимблдон во кариерата, а вкупно 12-то полуфинале на грен слем турнирите. Германецот, кој долго време се смета за еден од најдобрите тенисери без освоена грен слем титула, сега има нова можност да стигне до најголемиот трофеј во кариерата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс