Зошто Германците гласаат за АфД?

Успехот на АфД во Германија не може да се објасни само со десничарската реторика. Економската несигурност, социјалниот систем, миграцијата и незадоволството од традиционалните партии се дел од сложената слика.

Изборниот успех на Алтернативата за Германија (АфД) повторно го отвори прашањето зошто сè поголем број Германци се свртуваат кон радикалната десница. Победата на партијата на покраинските избори не е само германска политичка приказна. Таа се вклопува, велат аналитичарите во поширокиот европски тренд во кој традиционалните партии губат дел од својата поддршка, додека популистичките движења успеваат да ги мобилизираат незадоволните гласачи.

Причините, сепак, не се сведуваат само на идеологијата. Еден од клучните фактори е економското чувство дека системот повеќе не функционира во корист на луѓето кои работат и тешко го одржуваат семејниот буџет.

Кога работата престанува да биде најисплатлива опција

Податоците од истражувањата на „Инфратест димап“ покажуваат дека АфД добил особено силна поддршка кај економски ранливите граѓани во Саксонија-Анхалт. Според анализата, дури 65 отсто од финансиски загрозените испитаници гласале за оваа партија. Тоа укажува на важна промена во политичката карта на регионот кој традиционално важел за упориште на левицата.

Токму економската несигурност АфД ја претвора во политичка порака. Партијата тврди дека германскиот систем на социјална заштита создава ситуации во кои за дел од нископлатените работници разликата меѓу приходите од работа и социјалните надоместоци станува премала за да го оправда дополнителниот труд.

Во критиката на постојниот модел се посочуваат различни форми на државна помош, од основни социјални надоместоци и детски додатоци до поддршка за самохрани родители и покривање на дел од трошоците за домување и грижа за децата. Според оваа аргументација, кога човек ќе започне да работи, дел од придобивките ги губи, а истовремено плаќа даноци и придонеси. Кај нископлатените работни места тоа може да создаде впечаток дека дополнителниот приход не е доволен за да ги покрие трошоците и напорот поврзани со вработувањето.

Токму од ова незадоволство АфД гради политички капитал со пораката дека „работата повторно мора да се исплати“.

Миграцијата го засилува незадоволството

Економските проблеми се испреплетуваат со уште една тема која е централна за АфД – миграцијата. За дел од гласачите, прашањата за социјалните надоместоци, притисокот врз јавните услуги, безбедноста и интеграцијата на мигрантите се дел од истиот проблем. АфД, анализираат експертите нуди едноставно политичко објаснување за овие сложени процеси: државата, според нивната реторика, не успева доволно добро да ги заштити интересите на сопствените граѓани.

На тоа се надоврзува и прашањето за германскиот идентитет. Партијата е критички настроена кон наднационалните структури, пред сè кон Европската Унија, и ја промовира идејата за посилна национална држава и поголем простор за одлучување на Германија.

АфД сака помалку ЕУ, но не и помалку европска економија

Тука се појавува една од најголемите противречности во политичката програма на АфД. Партијата се залага за напуштање на Европската Унија, но истовремено сака Германија да го задржи пристапот до европскиот единствен пазар. Тоа, сепак, би било исклучително сложено за најголемата европска економија. Единствениот пазар не подразбира само отсуство на царини, туку и заеднички правила, стандарди и регулативи кои ги применуваат компаниите што сакаат да работат и извезуваат на европскиот пазар.

Германската индустрија е силно поврзана со европските синџири на производство и снабдување. Затоа, евентуално одвојување од институциите на ЕУ би создало сериозни економски последици, особено ако Берлин повеќе не учествува во носењето на правилата кои германските компании би морале да ги почитуваат.

Често се споменуваат Норвешка и Швајцарија како примери дека е можно да се биде надвор од ЕУ, а сепак да се има пристап до европскиот пазар. Но нивните економии, политички договори и односи со Унијата се специфични и не можат едноставно да се пресликаат врз Германија.

Прорускиот курс отвора уште поголем проблем

Особено чувствително е прашањето за надворешната политика. АфД има значително попријателски став кон Москва од повеќето германски традиционални партии и се спротивставува на продолжувањето на санкциите против Русија и на воената поддршка за Украина. За Германија, која е една од клучните европски земји во поддршката на Киев, евентуалното доаѓање на АфД на федерално ниво би можело значително да ја промени нејзината надворешна и безбедносна политика.

Таквата промена би имала последици и пошироко, бидејќи Германија е една од државите од кои во голема мера зависи европскиот консензус за односот кон Русија и Украина.

Популистичките ветувања се соочуваат со реалноста

Иако АфД успева прецизно да ги препознае темите што создаваат незадоволство кај дел од населението, неговите решенија отвораат нови прашања. Намалувањето на улогата на државата, на пример, тешко се усогласува со идејата државата активно да ги спроведува вредностите и националните политики што ги застапува партијата.

Слични противречности се појавуваат и кај прашањето за миграцијата. Европските економии се соочуваат со недостиг од работна сила, додека истовремено дел од популистичките партии ветуваат значително ограничување на миграцијата. Искуствата од други европски држави покажуваат дека доаѓањето на популистичките партии на власт не ги отстранува автоматски структурните економски и демографски проблеми.

Затоа, успехот на АфД може да се гледа и како предупредување до традиционалните германски партии. Незадоволството не исчезнува со негово игнорирање, ниту само со повикување на опасноста од радикалната десница. Ако граѓаните чувствуваат дека работата не им носи доволно сигурност, дека јавните услуги се влошуваат и дека државата не успева да им гарантира безбедност, популистичките партии ќе продолжат да имаат простор за раст.

Токму затоа, изборниот успех на АфД не е само приказна за една десничарска партија. Тој е и сигнал дека дел од германското општество бара сериозни промени во економијата, социјалната политика, миграцијата и односот кон Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс