Србија влегува во парламентарна изборна трка каква што не е видена во последните 14 години. По месеци масовни протести, студентското движење што се наметна како главна сила на антивладините демонстрации сега за првпат директно влегува во изборната арена, со сопствена листа на кандидати.
Токму појавата на студентите како нов политички фактор ја прави трката понеизвесна од претходните изборни циклуси во земјата. Политикологот Дејан Бурсаќ од Институтот за филозофија и општествена теорија оценува дека исходот е тешко да се предвиди, а како еден од показателите за тоа ја наведува и долгата воздржаност на Александар Вучиќ околу распишувањето на изборите.
Од протестите до изборната листа
Студентското движење се роди по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица. Студентите го обвинија системот за корупција и побараа институционални и системски промени. Меѓу нивните барања беше и распишување предвремени парламентарни избори. По речиси 500 дена, тоа барање е исполнето, вели новосадскиот студент Борис Којчиновиќ.
Но, најголемото внимание сега е насочено кон имињата што ќе се најдат на студентската листа. Според Којчиновиќ, во процесот на нејзино составување учествувале сите факултети на државните универзитети во Србија. Листата сè уште не е јавно објавена, бидејќи прво треба да биде потврдена од Републичката изборна комисија.
Процесот на избор на кандидати траел долго и поради начинот на кој студентите донесувале одлуки. Факултетите најпрво ги разгледувале предложените кандидати, а потоа пленумите се изјаснувале за нив.
Поставени биле и јасни критериуми: кандидатите да не се актуелни членови на опозициски партии или движења, никогаш да не биле членови на Српската напредна странка, да немаат кривични постапки против себе и да го прифаќаат студентскиот политички програм.
Кој ќе застане на чело?
Едно од имињата што предизвика најмногу внимание е ректорот на Белградскиот универзитет, Владан Ѓокиќ.Ѓокиќ во повеќе наврати јавно ги поддржа студентите, поради што стана мета на критики од претставници на власта. Неговото место на студентската листа, сепак, сè уште не е сигурно. Во едно од гласањата бил отстранет со само еден глас разлика, а потоа биле поднесени нови амандмани со кои повторно се отвора можноста тој да биде кандидат.
Според Бурсаќ, токму имињата на кандидатите би можеле да бидат особено важни за неопределените гласачи. За оние што веќе го поддржуваат студентското движење, личностите на кандидатите веројатно нема да бидат пресудни, но за граѓаните кои сè уште се двоумат тие можат да бидат клучни.
Вучиќ и СНС веќе ја водат кампањата
Иако изборите официјално беа распишани дури сега, политичката кампања во Србија фактички трае со месеци. Студентите организираа разговори со граѓаните „од врата до врата“, поставуваа штандови и ги претставуваа своите идеи низ градовите и населените места.
Во меѓувреме, претставници на Српската напредна странка интензивно ја обиколуваат земјата. Анализа на Центарот за истражувачко новинарство на Србија покажува дека од април до средината на август 22 функционери на СНС имале најмалку 160 посети низ земјата. Александар Вучиќ, кој сè уште ја извршува функцијата претседател на Србија, исто така речиси секојдневно се појавува на терен. СНС веќе најави дека ќе го предложи за премиер.
Бурсаќ смета дека владејачката партија за првпат по подолг период се соочува со избори на кои има сериозна конкуренција, но истовремено предупредува на можни злоупотреби на државните ресурси и изборните правила. Десетина дена пред распишувањето на изборите, српскиот парламент усвои ребаланс на буџетот и пакет еднократна финансиска помош за граѓаните во вкупна вредност од околу 980,6 милиони евра.
Опозицијата повторно поделена
Дел од опозициските партии одлучија да ја поддржат студентската листа наместо самостојно да настапат на изборите.Зелено-левиот фронт, Двери, Крени-Промени и Демократската странка веќе ја најавија својата поддршка за студентите, додека Покрет слободних граѓана допрва треба да одлучи.
Истовремено, опозицискиот блок не успеа да постигне заеднички настап.
Странката на слободата и правдата, СРЦЕ и Граѓанското движење „Солидарност“ најавија заедничка листа, додека Народното движење на Србија, Новото лице на Србија и Еколошкото востание ќе настапат во друга колона. На изборите ќе учествува и Новата демократска странка на Србија со партнерите од коалицијата НАДА. Според Бурсаќ, опозицијата имала доволно време да се обедини, но не успеала да постигне договор за заеднички настап.
Како ќе изгледа изборната трка?
За парламентарните избори во Србија се избираат 250 пратеници, а мандатите се распределуваат пропорционално според освоените гласови. За поднесување изборна листа потребни се најмалку 10.000 потписи од поддржувачи, додека за листите на националните малцинства се потребни 5.000.
Студентите, со својот прв директен настап на парламентарни избори, сега треба да го претворат повеќемесечното протестно движење во изборна поддршка. Токму тоа ќе биде најголемиот тест за нив: дали енергијата што ја мобилизираа на улиците може да се претвори во гласови на избирачките места. Во исто време, власта ќе се обиде да ја задржи долгогодишната доминација, а поделената опозиција ќе мора да одговори на новата политичка реалност создадена од студентското движење.