ЕЦБ повторно ги крева каматите: Инвеститорите стравуваат дека ова е само почеток

ЕЦБ се очекува повторно да ги зголеми каматите за најмалку 25 базични поени, додека високата инфлација, енергенсите и војната на Блискиот Исток отвораат нова дилема за европската економија.

Европската централна банка (ЕЦБ) се подготвува за ново зголемување на каматните стапки, но вистинската дилема за финансиските пазари е што ќе се случува по оваа одлука. Според пазарните проценки објавени од LSEG, практично е целосно извесно дека ЕЦБ ќе ја зголеми клучната каматна стапка за најмалку 25 базични поени. Одлуката доаѓа во период кога инфлацијата во еврозоната повторно создава притисок врз монетарната политика. Во август таа достигна 3,3 отсто, додека цените на енергијата пораснаа за 14,3 отсто.

Дополнителен проблем претставува нестабилноста на енергетските пазари поради војната меѓу САД и Иран и ризиците поврзани со транспортот низ Ормускиот Теснец. За еврозоната, која во голема мера зависи од увозот на енергенси, поскапата нафта може дополнително да ја поттикне инфлацијата. Притисокот не се чувствува само кај потрошувачите и компаниите. Значително поскапе и задолжувањето на европските влади, а приносите на државните обврзници достигнаа нивоа какви што не се забележани со децении.

ЕЦБ во јуни веќе направи значаен пресврт и ги зголеми каматите за првпат од 2023 година, при што клучната стапка достигна 2,25 отсто. На следниот состанок таа остана непроменета. Економистот Феликс Федер од Aberdeen смета дека новото зголемување е речиси сигурно. Сепак, според него, многу поважно е дали ова ќе биде изолиран потег или почеток на нов и подолг циклус на затегнување на монетарната политика.

Високите цени на енергијата, растот на платите и зголемените инфлациски очекувања би можеле да ја натераат ЕЦБ подолго да се фокусира на опасноста од повторно забрзување на инфлацијата. Токму тука се појавува поделбата меѓу инвеститорите. Не постои јасен консензус до каде би можеле да стигнат каматите.

Истражувањето на Deutsche Bank покажува дека повеќе од една третина од испитаниците очекуваат клучната каматна стапка да достигне 2,75 отсто. Околу една четвртина сметаат дека ќе има уште само едно зголемување, додека приближно ист удел очекува каматниот циклус да заврши дури на 3 отсто. Тоа значи дека следната одлука на ЕЦБ веројатно нема да биде единственото прашање што ќе ги интересира пазарите. Многу поважно ќе биде дали централната банка сигнализира дека Европа влегува во нов период на повисоки каматни стапки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс